По успешната прва обука во Вевчани во 2012 година, во периодот од 24 до 30 јуни 2013, долината на реката Валбона на планината Проклетие во Албанија ги пречека учесниците од невладините организации од Косово и Црна Гора на втората обука за градење на капацитети за заштита на природата.

Првиот дел од оваа обука имаше за цел да ги воведе учесниците во генералниот концепт на мониторинг: зошто, што, како и кој треба да врши мониторинг презентирана од професорот Урс Брајтенмосер од швајцарската организација КОРА. Следеа презентации за мониторинг на копитари, препознавање на знаци од крупни ѕверови, копитари и друг плен на месојадните животни и сл. Презентациите од позитивните резултати од двете сесии на фото-замки спроведени на планината Мунела во Албанија и НП Маврово во Македонија влеаја огромна надеж за опстанокот на критично загрозениот балкански рис.

Во вториот дел од обуката се зборуваше за отпочнување на основно истражување во Косово и Црна Гора со цел да се има една регионална слика за распространувањето на балканскиот рис во неговиот потенцијален опсег. Ова истражување треба да заврши до крајот на 2013 година со што ќе се публикуваат резултатите за конзервацискиот статус на балканскиот рис. Учесниците имаа прилика да се здобијат со основните познавања и етика при анкетирање на локалното население. Во склоп на овој социјален дел од обуката, Александар Трајче и Силва Худа од албанската невладина ППНЕА ги презентираа резултатите од слични истражувања поврзани со човековиот став.

Теренските активности беа организирани во околината на Валбона по преубавите предели на планината Проклетие. Професорот Љупчо Меловски одржа кратко предавања за вегетацијата и богатата флора на планината Проклетие.

 

Во наредниот период ќе следат уште две вакви обуки кои ќе се одржат во Црна Гора и Косово. Партнер на овој проект е нашиот долгогодишен соработник од Германија – ЕуроНатур, додека финансиската поддршка доаѓа од Германската федерална агенција за заштита на природата (BfN).

Start typing and press Enter to search