Македонското еколошко друштво во соработка со Plantlife, невладина организација од Велика Британија и Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) продолжи со реализација на проектот со наслов „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“ преку вклучување на македонските граѓани како волонтери за заштита на природата; преземање акции кои би придонеле кон имплементација на ЕУ регулативите за воведување на мрежата Натура 2000.

Овој проект претставува амбициозна иницијатива за заштита на диви видови растенија во земјите од Југоистолна Европа, фокусирајќи се на медитеранскиот регион. Со комбинирање на искуствата од организации како што се Plantlife и IUCN, 11 организации од 11 земји од Југоисточна Европа ќе се обидат да пренесат знаење и искуства на национално ниво во врска со значајни видови растенија и нивните живеалишта.

За време на проектот, сите партнери ќе преземат активности за заштита на растенијата во склоп на 20 значајни растителни подрачја (ЗРП) во шест земји (Мароко, Алжир, Либан, Црна Гора, Турција и Македонија) кои вклучуваат голем број заинтересирани граѓани, здруженија, истражувачки институции и други.

Во Македонија овој проект ќе се спроведува во времетраење од 18 месеци со активности во подрачјата: Дојран, Богданци, Преспа и Илинска Планина.

По овој повод, на 25 и 26 ноември во Скопје се одржа и воведна работилница на која учествуваа претставници од организации, институции и волонтери од одбраните значајни растителни подрачја. „Арт Поинт Гумно“ од Слоештица (ЗРП Илинска Планина), „Акција плус“ од Ресен (ЗРП Преспанско Езеро), „Полимат 13“ од Богданци (ЗРП Богданци) „Ренатура“ од Дојран (ЗРП „Дојранско Езеро“) се организациите кои се вклучија кон овој проект. Дополнително, целосна поддршка добивме и од неколку институции, како основни и средни училишта од Демир Хисар (ОУ „Браќа Миладиновци и СОУ „Крсте П. Мисирков“), општината Ресен и волонтери од одбраните подрачја.

Во следните 13 месеци овие организации и институции ќе бидат вклучени во активности насочени кон популаризирање и афирмирање на значајните растителни подрачја во кои дејствуваат. Ќе се спроведуваат и мониторинг активности на одредени растителни видови, значајни како на национално, така и на меѓународно ниво.

Start typing and press Enter to search