Во периодот од 21-25 октомври 2013 година, претставници од МЕД присуствуваа на работилница за истражување и заштита на евроазискиот рис одржана во Берн, Швајцарија. Работилницата беше организирана од страна на швајцарската организација КОРА, а на неа, покрај претставниците од МЕД, зедоа учество и претставници од Уиверзитетот во Левов и Институтот за зоологија Шмалхаусен во Киев од Украина и Техничкиот универзитет од Зволен, Словачкото друштво за заштита на дивиот свет и ЗОО Бојнице од Словачка.
Работилницата беше посветена на научните пристапи за заштита на популацијата на евроазискиот рис, со посебен акцент на популацијата на критично загрозениот балкански рис во Македонија и автохтоната и реинтродуцирана популација на карпатски рис во Словачка и Швајцарија. Преку конкретни примери и презентации, учесниците дадоа краток осврт на теориите и концептите за проучување и заштита на рисот, практичната апликација на методите на терен и начините на анализа и управување на податоци.