Рисот нема природни непријатели – единствен непријател му е човекот. Главните причини за негово исчезнување се поврзани со нелегалниот лов (криволов), уништувањето на шумите кои се негов дом, како и намалениот извор на храна.

Криволовот значително го намалува и онака малиот број единки на балкански рис. Со ова, неговата полулација се намалува, па преостануваат многу малку единки кои скоро и да се роднини од второ или трето колено, односно подалечни браќа и сестри. Ова пак, од друга страна, го ограничува опстанокот на рисот, бидејќи парењето на единките во блиско сродство не овозможува да се родат здрави рисчиња. Според законот, балканскиот рис во Македонија строгозаштитен вид, па секое убивање на единки од видот претставува кривично дело. И покрај тоа, овој закон не се почитува, не се врши правилна контрола и сѐ уште постои криволов и убивање на рисови.

Изградба на каменолом во живеалиштето на рисот

Нарушувањето или комплетното уништување на шумите, преку неконтролирана сеча и прекумерно искористување на дрвјата, пожари и комплетно отстранување на дрвјата заради изградба на објекти за потребите на човекот, како хотели и други одморалишта, ски-центри, хидроцентрали, патишта, исто така негативно влијае на неговиот опстанок. На пример, кај нас патната инфраструктура претставува голема закана по животот на рисот. Во обид да премине низ територија која е прекината со пат, рисот може да биде повреден од возило. Затоа, при изградбата на патишта секогаш треба да се размислува за изградба на таканаречени „зелени мостови“ – премини кои премостуваат територии зафатени со пат, со што се овозможува слободно движење на диви животни. Кога условите за живот се нарушени, единките, доколку останат неповредени, се упатуваат на други места каде условите нема да предизвикаат вознемиреност и несигурност.

 

Намалување на пленот поради прекумерен лов на срните, дивокозите и сите други животни со кои се храни рисот, исто така влијаат на неговиот опстанок. Уште една отежнителна околност се и кучињата скитници, односно подивените кучиња од планинските села, кои талкаат по шумите. Тие знаат да ловат и диви животни, а згора на тоа често мршојадат на пленот на рисот. Ова претставува дополнителен притисок за опстанокот на рисот. Тој останува ненајаден и е принуден наново да лови. Ова е особено ризично за мајките со млади, чии успех во ловот е од огромно значење за преживувањето на рисчињата. Поради тоа, рисот е принуден да оди во потрага по плен во нови територии. И ова само дополнително го усложнува неговиот опстанок, зашто поволните територии или се расцепкани или, пак, се зафатени од друга единка.

Рисица удрена од возило на патот Кичево-Охрид

Се смета дека националните паркови како делови од природата со најголема заштита, обезбедуваат најсигуни услови за развој на дивиот свет, па оттука и на балканскиот рис. Во националниот парк „Маврово“ се проценува дека живеат околу 20 рисови, а во останатите делови од Западна Македонија, уште помалку од 20 единки. За националниот парк Маврово е сигурно дека балканскиот рис формира и потомство, што е докажано со фотографии направени од мајки рис и млади рисчиња во изминативе 5–7 години. Во нашата држава се сретнува во западниот дел, пред сè на планините Бистра, Кораб, Стогово, Илинска и Плакенска Планина, на Јабланица. За Галичица постојат информации дека и таму го има, но нашите истражувања со фотозамки сѐ уште не покажуваат сигурно присуство на балканскиот рис. Последната потврда за рис на Пелистер е од 2013 година.

Најзагрозената автохтона популација е распространета на територијата на Македонија, соседна Албанија, и Косово.

 Според Црвената листа на загрозени видови од Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), балканскиот рис е критично загрозено животно, зашто во природа има помалку од 50 возрасни единки. За илустрација – во националниот парк „Маврово“, каде има најголем број единки, неговата густина изнесува 2 единки на 100 км2! Со оглед дека балкански рисови во заробеништво нема, следниот исход при влошување на неговата состојба на зачуваност би било целосно истребување. Токму затоа е важно вистински да го цениме ова ретко природно богатство и само така ќе сфатиме колку е сериозна ситуацијата.

 

 

 

Start typing and press Enter to search