Повеќето видови птици градат гнезда во кои полагаат јајца. Гнездата се топли и безбедни места каде што родителите ги одгледуваат своите пилиња. Птиците ги кријат своите гнезда за да бидат безбедни од предатори, но и да се засолнат од лошите временски услови. Различни птици користат различни материјали за изградба на гнездата. Некои користат стапчиња, тревки, ливчиња, пајажина, a пак други употребуваат гранки од дрвја, кал, камења, па дури и сопствената плунка. Многу гнезда се изградени од секаков материјал што го нашла птицата. За жал, тоа понекогаш се и отпадоци најдени во нашите населби, а кои често се опасни по животот на нивните млади. Интересно е дека на одредени видови кои се навикнати да живеат близу луѓе и самите ние може да им помогнеме со поставување вештачки гнезда.

Кулата од Кембриџ – вештачки гнезда за пиштарки
(Автор: Clarke Brunt)

Кулата од Кембриџ – вештачки гнезда за пиштарки
(Автор: Clarke Brunt)

Кулата од Кембриџ – вештачки гнезда за пиштарки
(Автор: Clarke Brunt)

Кулата од Кембриџ – вештачки гнезда за пиштарки
(Автор: Clarke Brunt)

 

 

 

 

 

 

 

 

Во продолжение следат 10 интересни факти за гнездата на птици:

  1. Додека го гради своето гнездо, селската ластовичка прави над 1200 прелети со полн клун кал.

    Гнездо од селска ластовица
    (Автор: kuribo)

  2. Ако се чудите зошто птиците се толку разлетани напролет, т.е. кога имаат гнезда, имајте само на ум дека обичните врапци во еден час своите пилиња ги хранат од 4 до 12 пати!
  3. Гавраните своите гнезда ги прават на места кои се недостапни за луѓето, како стрмни кањони, во дупките на големите дрвја, на електрични столбови, но има и случаи каде гаврани направиле гнездо и во библиотека. Можеби токму затоа студентите ја избегнуваат таа библиотека…
  4. Голем број птици населуваат гнезда на други птици. Така, клукајдрвците многу често им „помагаат“ на другите птици. На пример, во градскиот парк во Скопје, ваквите дупки од клукајдрвци ги преземаат сколовранците. Зиме кога ластовиците се во Африка често се случува други птици да ги искористат нивните гнезда за да ги преживиеат ниските температури и да се заштитат од предатори. На следниот линк можете да видите како царчињата се засолнуваат во гнездо од ластовичка.
  5. Гнездата најчесто се направени од повеќе слоеви и секој слој си има посебна функција. Често основата ја прават мали гранчиња додека пофините гранчиња и тревки обложени со кора од дрво ја формираат „чашката“. За внатрешноста на гнездото птиците често користат меки и удобни материјали како суви лисја и сува трева.

    Неверојатното гнездо на сипка торбарка
    (Автор: Andreas Trepter)

  6. Некои видови птици употребуваат посебни растенија за изработка на гнездата. Најчесто избираат растенија што штитат од крлежи и паразити, а пак други користат кожи од змии за да ги одвратат предаторите. Пред неколку години се откри дека некои птици користат и отпушоци од цигари во гнездадата како заштита од крлежи!
  7. Исто како што и луѓето живеат во згради така и некои птици живеат во колонии (заедници) и сите заедно придонесуваат во изградбата на гнездото. Во овие заеднички гнезда понекогаш можат да живеат и повеќе од 400 птици. Дефинитивно најубав таков пример се пчеларките.

    Колонија на пчеларки
    (Автор: idobi)

    Пчеларки
    (Автор: birdinginspain)

  8. Најголеми и најмали – гнездата на колибрите (кои не живеат во Европа) се толку малечки што монета од 1 денар целосно би го покрило гнездото, додека пак други гнезда можат да бидат тешки и по 3 тона! Во Македонија најголемо птичјо гнездо е гнездото од штркови во Чешиново.
  9. Кај некои видови мажјаците ги поставуваат темелите на гнездата и потоа оставаат женките да ги довршат, кај други видови пак мажјаците прават повеќе „лажни“ гнезда за да ги збунат предаторите.
  10.  Дел од птиците своите гнезда ги користат и на подолг период. Со истражувањата во гнездото на еден сокол утврдено е дека гнездото е старо околу 2500 години и во него биле најдени пердуви стари околу 600 години. Покрај ова гнездо имало и три други гнезда кои биле постари од 1000 години.

    Најголемото гнездо во Македонија
    (Автор: МЕД)

    Најголемото гнездо во Македонија
    (Автор: МЕД)

Интересно нели? Доколку и вие знаете некој интересен факт слободно споделете со нас. Излезете на балкон и разгледајте наоколу, можеби ќе забележите нешто интересно!

Но ЗАПОМНЕТЕ: Никогаш не приближувајте се премногу до гнезда кои се активни! Никогаш не земајте гнездо! Земањето јајца од гнездо е нелегално!

Start typing and press Enter to search