Меѓународната партнерска мрежа за заштита на птиците „Брдлајф Интернешенал“ (BirdLife International) го објави новиот извештај „Состојбата на птиците во светот“ на Глобалниот самит за преселни патишта што се одржа во Најроби, Кенија. Партнерите во оваа Мрежа, кои вклучуваат невладини организации, владини тела и финансиски институции, ја потпишаа Најробиската декларација за преселните патишта, а иницијативите на развојните банки што ги опфаќаат Африка, Азија, Европа и Америка преминуваат во фаза на реализација.
Меѓународната партнерска мрежа за заштита на птиците „Брдлајф Интернешенал“ (BirdLife International), чиј партнер е и Македонското еколошко друштво, го претстави извештајот „Состојбата со птиците во светот“ на Глобалниот самит за преселните патишта што се одржа во Најроби, Кенија, од 7 до 11 септември, во коорганизација на самата Мрежа и „Природа Кенија“ (Nature Kenya). Извештајот се објавува на секои четири години, а ова е првото издание посветено на преселните птици и преселните патишта од кои тие зависат.

За време на Самитот, бројни клучни чинители, меѓу кои и владини тела, научници, невладини организации, организации за заштита на природата и финансиски институции, ја потпишаа Најробиската декларација за преселните патишта, со која се обврзуваат да ги засилат напорите и соработката за заштита на преселните птици и нивните живеалишта независно од државните граници. Во исто време, од 2021 година наваму, развојните банки мобилизираа над 6 милијарди долари за финансирање на заштитата. Заедно, овие чекори претставуваат значаен исчекор кон координиран глобален одговор за зачувување на преселните патишта.
„Состојбата со птиците во светот“: Клучни наоди
Наодите во Извештајот се загрижувачки: 45 % од преселни видови птици се во опаѓање, а секој деветти вид е загрозен од исчезнување. Исчезнувањето на тенкоклуниот српоклун свиркач (Numenius tenuirostris) во 2025 година, чија последна потврдена појава била забележана во мароканска лагуна во февруари 1995 година, претставува прво глобално исчезнување на птица на копното на Евроазија и Африка во последните неколку века. Уште шест преселни видови е потврдено дека исчезнале или се смета дека исчезнале во последните 150 години. Особено тешко се справуваат видовите зависни од морските живеалишта, шумите и крајбрежните влажни подрачја, при што морските и крајбрежните птици се меѓу најзагрозените.

Сепак, Извештајот носи и надеж. Причините за опаѓањето се добро познати и се предизвикани од човековите активности: инвазивни видови, интензивирање на земјоделството, климатски промени и неодржлив лов. Кога земјоделските, риболовните и практиките на користење на земјиштето се адресираат долж целиот миграторен пат, наместо само на одделни локалитети, тогаш популациите на птици реагираат позитивно. На пример, прекуграничните координирани активности за египетскиот мршојадец го сопреа опаѓањето на балканската популација што се размножува во регионот.
„Преселните птици се чувари на состојбата на природата, а нивното опаѓање укажува на зголемениот притисок врз природните системи од кои зависиме. Но, науката исто така јасно покажува дека заштитата функционира – координираните активности можат да спречат исчезнувања и да го помогнат обновувањето на популациите. Решенија постојат: она што сега е потребно е да се применат на долж целиот миграторен пат“, вели д-р Стјуарт Бучарт, главен научник во „Брдлајф Интернешенал“и главен уредник на извештајот „Состојбата со птиците во светот“.
Зошто се важни преселните патишта?
Извештајот истакнува една фундаментална вистина: преселниот пат не е само линија на картата, туку широка, меѓусебно поврзана мрежа од клучни локалитети и суштински живеалишта што ги поддржуваат преселните птици низ континентите и во различни сезони. Кога една алка од оваа мрежа ќе се прекине или ќе ослабе, тогаш целиот синџир е изложен на ризик.
Препознавајќи ја оваа меѓусебна поврзаност, „Брдлајф Интернешенал“ – единственото глобално партнерство посветено на заштитата на птиците и на целиот жив свет на нашата планета, со 125 партнери во 120 земји – ја разви Глобалната програма за преселни патишта (Global Flyways Programme). Наместо да се фокусира само на поединечни локалитети, видови или национални граници, овој пристап има за цел да ги зачува и обнови целите преселни патишта, при што партнерите соработуваат од местата за размножување преку местата за одмор и прелет, па сè до подрачјата каде што птиците го минуваат периодот надвор од сезоната на размножување.
Светските лидери ја потпишаа Најробиската декларација за преселните патишта
На Самитот во Кенија, бројни лидери, научници и организации за заштита на природата ја потпишаа Најробиската декларација за преселните патишта, што претставува досега невидена посветеност за координирана заштита на патиштата по целата нивна должина. Декларацијата ја уважува реалноста дека преселните птици ги преминуваат границите и континентите и дека нивниот опстанок зависи од активностите на бројни чинители долж целиот преселен пат, а не од изолирани национални напори.

„Преселните птици не познаваат граници. Тие ја поврзуваат Азија со Африка, Арктикот со тропските предели. Најробиската декларација за преселните патишта ја препознава оваа реалност – дека се потребни меѓународна соработка и координација за преселните птици да бидат безбедни. Возбудена сум и горда што ја гледам научната заедница, организациите за заштита на природата и финансискиот сектор како се обединуваат за да го овозможат тоа. Конечно! Се наоѓаме на важна пресвртница. Долго време го чекавме овој момент“, истакна принцезата Такамадо од Јапонија, почесна претседателка на „Брдлајф Интернешенал“.
„Да се биде дел од Глобалната средба на партнерите на ‘Брдлајф‘ за мене беше навистина нешто посебно. Споделувањето на искуства, учењето едни од други и чувството дека она што го правиме локално придонесува кон глобалните напори за заштита на птиците и нивните живеалишта ми даваат огромна гордост и надеж. На Глобалниот самит за преселните патишта уште еднаш се потсетивме дека птиците преселници не познаваат граници – тие ги поврзуваат луѓето, земјите и континентите, а само заедно можеме да ги зачуваме нивните преселни патишта. Нашата наука и знаење мора да бидат поддржани со силни заедници, одговорен бизнис и политичка волја – и токму во оваа извонредна мрежа ги гледам силата и надежта дека можеме да направиме вистинска промена“, изјави извршната директорка на МЕД м-р Робертина Брајаноска, која на Самитот беше изгласана за членка на Советот на „Брдлајф“ за Европа и Централна Азија.
Милијарди долари се мобилизираат за зачувување на преселните патишта
На Самитот присуствуваа и високи претставници на Светската Банка и на регионалните развојни банки, што претставува сигнал за досега невидена институционална посветеност. Три мултилатерални развојни банки ја интегрираат заштитата на преселните патишта во своите рамки на финансирање, со што вкупните обврски преземени од 2021 година надминуваат 6 милијарди долари.
Во следната деценија, Азиската банка за развој ќе мобилизира 3 милијарди долари за заштита на најмалку 50 приоритетни влажни подрачја долж источноазиско-австралазискиот миграторен пат, со што ќе се поддржат речиси 200 милиони луѓе кои зависат од овие екосистеми. Во Америка, Развојната банка на Латинска Америка и Карибите ќе мобилизира 3-5 милијарди долари до 2050 година за заштита на повеќе од 30 копнени и морски предели. Светската банка и „Брдлајф Интернешенал“ мобилизираат неколку милијарди долари низ Африка, Европа и Азија, долж преселните патишта што ги користат над две милијарди преселни птици.
Растат и заложбите за активности предводени од локалните заедници. Во јуни 2026 година, Глобалниот фонд за животна средина (GEF) го одобри Механизмот за грантови за глобални преселени патишта (Global Flyways Grant Mechanism), со кој се обезбедуваат 8,97 милиони долари директни грантови и 107 милиони долари кофинансирање за заштита и обновување на девет милиони хектари влажни подрачја, со проценка дека од овие активности ќе имаат корист околу 330.000 луѓе.
„Извештајот е недвосмислен: ги губиме преселните птици со алармантна брзина. Но, денешната Најробиска декларација претставува пресвртница. Треба сите да го засилиме ангажманот и да го дадеме својот придонес. Тоа значи влади, бизнис-сектор и граѓанско општество. Развојните банки одговараат на предизвикот. Партнерството на ‘Брдлајф’ е подготвено да дејствува. Сега треба и другите да се вклучат за да го запреме опаѓањето и да ја зачуваме величенственоста на миграцијата на птиците“, заклучува Мартин Харпер, главен извршен директор на „Брдлајф Интернешенал“.
Повеќе детали за настанот се достапни на официјалната веб-страница на „Брдлајф Интернешенал“.
