Љубовта кон природата и љубопитноста за живиот свет околу нас може да се негуваат и преку пишаниот збор и „уловените“ кадри. Понекогаш токму тие ни ја „отвораат“ вратата кон тој бескрајно фасцинантен свет, од кој во реалноста секогаш се враќаме гледајќи ја природата со поинакви очи.
За добри наслови никогаш не е доцна, дури и кога се чини дека летото привршува!
Затоа, во првата тура препораки споделуваме со вас неколку книги што ни оставиле впечаток во последно време. А во следната ќе ви предложиме и неколку филмови!

„Кон Езерото“ – Капка Касабова
To the Lake: A Balkan Journey of War and Peace – Kapka Kassabova
Ова е приказна за две езера што ја раскажува жена која си ги истражува корените. Патем, зборува со мештани кои, исто како неа, добро си го познаваат потеклото – и тие раскажуваат приказни. Книга која многу добро ја доловува бизарноста на поставените граници преку езерата, а истовремено ја отсликува нивната неверојатна моќ во обликувањето на човечките судбини во регионот, за жал, најчесто, тажни.
За уште поголема длабочина на искуството, читајте ја во Преспа или додека се движите низ охридскиот крај. Преполна е со познати топоними, особено ако сте ги шетале и прекуграничните делови од овие региони. За поинакво доживување и целосно соживување, како што ја читате, обидете се да посетите барем некое од местата.
Издадена е во 2020 година, а на македонски е достапна од 2022 година.
“Lifelines” – Julian Hoffman
Во деведесеттите години на минатиот век, Џулијан Хофман и неговата сопруга се преселуваат од Лондон во Преспа во Грција – и тој, како писател за природата и нејзината заштита, ја пишува оваа книга за да ја раскаже нивната уникатна и инспиративна приказна.
Неверојатно е вешт со зборовите и феноменално успева да ги долови пејзажите на хартија. Така, книгата е преполна со прекрасни описи на Преспанскиот Регион, неговата флора, фауна и луѓе. Уште една книга што препорачуваме да се чита во Преспа, за човек да може да крене поглед и веднаш да се увери во прочитаното за планинските врвови, езерата, пеликаните…
„Седум кратки лекции по физика“ – Карло Ровели
“Seven Brief Lessons on Physics” – Carlo Rovelli
ОК, не е биолошка книга, но ни помага да ги спознаеме светот и нашето постоење на уште подлабоко ниво. Преку седум есеи (кои пред да станат книга прво биле објавени во италијански весник), авторот користи метафори за да ги објасни и долови сложените формули од кои ни се „кревала“ косата за време на училишните денови, па на крај сме ги учеле на памет!
„‘Преводот‘ на формулите е права магија – никој не успеал подобро да ми го долови волшепството на универзумот и да ме убеди дека самово ‘земско‘ постоење е неверојатно фасцинантно! За мотивација плус, книгава има нешто помалку од 60 страници и голем фонт. Нема подобро нешто за читање под некој маслинкарник покрај море. Ако ви потечат солзи, тоа најверојатно нема да биде од кремата за сончање или кромидот во салатата.“ Ова е впечатокот на нашиот Драган Арсовски, кој најтопло ја препочува книгава. Јавете ни каков ќе биде вашиот!
„Подемот и падот на диносаурусите“ – Стивен Л. Брусати
Rise and Fall of the Dinosaurs” – Stephen L. Brusatte
Ако сте биле опседнати со диносауруси како мали – или уште подобро, сè уште сте! – ова е едно од најдобрите нешта што може да ги прочитате.
Напишана од еден од најостварените современи палеонтолози, книгава ја раскажува судбината на диносаурусите. Цели 150 милиони години еволуција не само низ приказни за самите диносауруси, туку и преку случките кои довеле до овие откритија низ човечката историја. Од „ловци на коски“ до модерни истражувачи, книгата е полна и со „научен трач“ што ја прави уште поинтересна за читање.
„Паркот Јура“ е забавен, но ако сакате нешто што е и научно точно, тогаш ова е тоа. Одличен додаток се и последните серијали Prehistoric Planet I и II – но, книгава е „специјалитетот“!

„Последните селани“ – Петре М. Андреевски
Романот се занимава со низа теми, но од прва најочигледна е темата за руралниот живот, опустошувањето на македонските села и напуштањето на старите практики и традиции. Тука постојано се истакнува силната врска помеѓу човекот и земјата – форма на „припитомена“ природа.
Последните селани се последните живи луѓе, чуварите на старите обичаи. Природата, често во тесна врска со фолклорот, зазема значајна улога. Таа ја одразува состојбата на ликовите но и селата, преку описите на годишните времиња, природните појави и на пределот. Исто така, претставена е и како сила која продира во селото; исчезнувањата на селата значи и „подивување“ на пределите, нешто што го согледуваме низ Македонија.
Според нашиот Александар Павлов, кој е биолог, ама и лингвист, „јазикот на Андреевски е дополнителна причина да се прочита книгата. Има богат, а истовремено јасен и непретенциозен израз. Со каква само леснотија опишува појави и процеси, а читајќи, постојано откривате подзаборавени, но понекогаш и ‘нови‘ називи на билки и животни.“
„Тајниот живот на дрвјата“ – Петер Волебен
The Hidden Life of Trees – Peter Wohlleben
Оваа неверојатна книга ја пишува шумар и чувар на германските шуми кој порано бил дрвосечач. Самиот за себе признава дека пред одново да му се разгори љубовта кон природата од детството, „знаел за скриениот живот на дрвјата колку што месарот знае за емотивниот живот на животните“.
За наша среќа, во 2015 година решава да нè воведе во светот на шумите за да нè запознае со неверојатните начини на кои дрвјата чувствуваат и комуницираат едни со други. Па така дознаваме дека тие, исто така, имаат сеќавања, чувствуваат болка, живеат со своите деца, ја штитат заедницата од опасности и придонесуваат дури и откако ќе се исушат или ќе станат пенушка. На прва, сето ова се чини невозможно, но штом човек се „подизгуби “ во тајниот шумски свет, ваквите мистерии стануваат лесно прифатливи. И згора на тоа, веројатно засекогаш го менуваат нашиот светоглед за шумите, одново потсетувајќи нè дека за нешто да постои, не мора да е видливо со „голо око“.
На македонски е издадена во 2021 година.
„Поделба: Краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ – Џејсон Хикел
The Divide: A Brief Guide to Global Inequality and Its Solutions – Jason Hickel
Растени сме со приказната за поделбата помеѓу богатите земји и сиромашните земји, според која овие вториве заслужено се таму каде што се бидејќи, просто кажано, не направиле доволно за да бидат еднакво развиени како напредните земји. Барабар со тоа слушаме и дека сепак сиромаштијата е преполовена во последните триесет години и дека до 2030 година ќе ја снемало. Најмоќните влади и корпорации во светот упорно го верглаат сето ова и неспорно е дека звучи утешно, но дали е вистина?
Родум од Есватини, Хикел, инаку економски антрополог, ја анализира глобалната нееднаквост како производ на колонијализмот, неправедната трговија и структурната експлоатација – и вели дека сето она погоре се само приказни за мали деца. Ги оспорува доминантните наративи за развојот и предлага радикални алтернативи: одраст, реституција и глобална солидарност. „Ако има една книга што бескрајно би ја подарувала и за која секојпат радо би дискутирала, тоа е оваа!“, потенцира Андријана Папиќ Манчева, дел од тимот за комуникации.
На македонски е преведена во 2019 година.
Оваа прва тура препораки ја заокружуваме со:

Што е река? – Моника Вајценавичене
What Is a River? – Monika Vaicenaviciene
Конечно една нефикциска книга за деца со еколошка тематика!
Реките пренесуваат седименти и чувства, ги оживуваат земјата и духот, и поврзуваат места и времиња. Тие се извор на животот и на живата историја што ја опфаќа целата земја. Нивното течение постојано нè потсетува дека сите сме соседи, без разлика дали се наоѓаме на едниот или на другиот крај на реката.
Реката е конец, патување, огледало, дом и животна сила. Што друго може да биде? За инспирација нурнете во оваа поетична сликовница и видете каде ќе ве однесе и што ќе видите попат – најубаво во друштво на деца!
На македонски е преведена во 2024 година.
Препознавте ли некој наслов? Што ви фаќа око? Што би предложиле вие?
