Националниот парк „Маврово“ останува заглавен во неприфатлива правна неизвесност

Повеќе од две децении од донесувањето на Законот за заштита на природата, државните институции не успеаја да го завршат со закон предвидениот процес на повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“ – иако за тоа постојат јасни законски обврски. Поради тоа, националниот парк функционира во правен вакуум и без законски задолжителниот план за управување со заштитеното подрачје и без обновен Просторен план.

Стручни тимови ја финализираа неопходната Студија за валоризација финансирана преку јавни и донаторски средства, но органот на управување на ЈУНП „Маврово“ отворено одбива да ги прифати нејзините научни наоди и предлози за зонирање. Наместо да ја извршува својата законска должност за заштита и унапредување на биолошката разновидност, раководството на ЈУНП „Маврово“ со неприфаќање на делови од предложеното зонирање ја оневозможува постапката за повторно прогласување и продолжува со практики кои се спротивни на примарните цели на воспоставување на заштитено подрачје на природата – национален парк. Тоа вклучува користење на шумите и спроведување на комерцијален лов како едни од примарните извори на финансирање на паркот, поддршка на проектите за мали хидроелектрани (МХЕ) во рамките на заштитеното подрачје и други активности кои суштински се спротивни од целта на постоењето на подрачјето.

Ваквото однесување директно ги прекршува Уставот и законите на Република Северна Македонија и упорно ги игнорира Препораките бр. 184 (2015) и бр. 211 (2021) на Постојаниот комитет на Бернската конвенција, ставајќи ја нашата земја под строг меѓународен мониторинг и ризикувајќи меѓународни правни санкции.

Граѓанското општество повеќе нема пасивно да набљудува додека јавните установи чија задача е заштита на нашето природно наследство не ги извршуваат обврските за кои постојат. Затоа, со уште 20 други еколошки организации од државата испративме писмо до Министерство за животна средина и просторно планирање, со кое бараме надлежните институции:

  • итно да го преземат процесот за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“;
  • Предлог-законот да биде ставен на јавна расправа и да продолжи постапката за негово усвојување во Собранието;
  • управувањето со паркот да се усогласи со научните наоди и предложеното зонирање;
  • да се прогласи мораториум на активности и проекти што не се во функција на заштитата на природата, додека не се воспостави целосна законска рамка;
  • да се исполнат меѓународните обврски на државата, вклучително и препораките во рамките на Бернската конвенција.

Целото писмо, во интегрална форма, можете да го прочитате ТУКА.

Scroll to Top