Овој текст е реакција кон скорешни написи кои поттикнуваат паника во врска со присуството на змии во нашата животна средина и обид да ги информираме граѓаните дека голем дел од змиите кои ги среќаваат на Водно или покрај реки и вода не се отровни и не се опасни по здравјето на луѓето. Истовремено сакаме да потсетиме за корисната улога на овие животни во природното контролирање на глодарите кои се дел од нивната главна исхрана.

 

Слика 2 – Шарка

Слика 1 – Поскок

Во Македонија постојат 16 вида змии од кои само 3 вида се отровни. Од сите отровници, единствено поскокот (види слика 1) е широко распространет и има поголеми шанси да се сретне во урбани средини а шарката и степската лутица (види слика 2) се присутни само на надморкса височина поголема од 1500 m и тоа само на некои планини во земјава.

Многу смокови се шарени, па често погрешно се нарекувани шарки. Единствената отровница која е широко распространета кај нас е поскокот, кој пак лесно се препознава по рогот на врвот од главата (види слика 3), шарите во форма на баклави на грбот (обоени во најразлична варијација на црно, сиво, црвено, кафено, портокалово, жолто – погледнете кратко видео тука) и големината – поскоците ретко достигнуваат должина поголема од 70cm, но најчесто се среќаваат единки од околу 50cm. Доколку змијата е подолга од 1m, таа е безопасен смок. Во Македонија има дури 11 различни вида на смок, една боа (малечка здепаста змија која главно живее под земја и може да се сретне само во крајните југоисточни делови од државата) и една црвовидна змија која е целосно безопасна и секој лаик на прв поглед би помислил дека е црв.

Слика 3 – Поскок

Според Драган Арсовски (доктор на биолошки науки – херпетолог) доколку се постапи на правилен начин дури и при каснување од змија отровница луѓето би поминале без компликации.

Доколку се случи каснување од поскок, ако човекот нема други здравствени проблеми и се јави за медицинска помош истиот ден тој би поминал без никакви компликации по здравјето – изјави Арсовски

Фотографии, точно распространување низ Македонија, како и повеќе за биологијата, екологијата и степенот на засегнатост на змиите во нашата држава може да најдете на првата национална црвена листа на Македонија на следната веб страница (влекачите се наоѓаат на дното од листата)

Инаку, напролет ладнокрвните влекачи излегуваат од долгиот зимски сон (хибернација) и се најактивни бидејќи тогаш е нивниот период на размножување, односно се во потрага по партнер. Затоа средбите со овие животни се и најчести во овој период. Еден од најраширените митови за змиите е дека се најактивни кога е најтопло. Змиите како и најголемиот број влекачи не можат да ја контролираат сопствената температура, па тоа го прават преку сончање или барање на засолниште. Кога е многу ладно тие може да замрзнат, па затоа се засолнуваат и хибернираат, додека пак кога е претопло тие се во опасност од прегревање и смрт, заради што исто така бараат засолниште и во екстремно топли периоди може целосно да ја намалат својата активност и да влезат во т.н. летна хибернација, односно естивација.

Слика 4 – Ждрепка (смок)

Налето, змиите најчесто може да ги видиме само непосредно по изгрејсонце (помеѓу 05 и 07 часот), а некои безопасни видови се исто така активни на зајдисонце или дури и навечер. Змиите најчесто веднаш бегаат при средба со човек. Тие немаат изострено сетило за вид, па понекогаш може да се случи да бегаат во правецот на самиот човек, и ова може да биде збунето со напад. Отровниците, како што е поскокот најчесто се укочуваат при средба со човек. Во овој случај, слободно земете долг стап и отстранете ги од просторот.  Во Европа не постојат змии кои активно напаѓаат за одбрана на својата територија или гнездо – каснувања се случуваат исклучиво кога ненамерно ќе се приближиме (на пр. при згазнување со боса нога или земјоделски активности близу земјата или на ниски гранки каде знаат да се камуфлираат добро).

Д-р Драган Арсовски, херпетолог

Како и поголемиот дел од биодиверзитетот, така и змиите не се снаоѓаат добро во урбани средини и лесно завршуваат под тркалата на колите. Така, средбите со змии се среќаваат во делови од градот кои се блиску до природа (на пр. подножјето на Водно или приградски места) каде нема голем метеж, но човечката активност може да привлече поголем број на глодари кои се нивен оброк.

Слика 5 – Леопардов смок

Всушност, може да се каже дека не се змиите оние кои доаѓаат во нашите градови, туку со градежната експанзија, ние навлегуваме во нивните природни живеалишта, како што е Водно. Во централните делови од градовите понекогаш може да се сретнат „водни змии“, особено покрај реки и бари. Другите змии доколку залутаат во овие делови од градот, ретко преживуваат доволно долго. „Водните змии“ се всушност смокови кои се исхрануваат со риби и водоземци и затоа не е неочекувано да се сретнат по кејот во Скопје, особено покрај градскиот парк, и се целосно безопасни, додава Арсовски.

Слика 6 – Џитка (смок стрелец)

Змиите играат клучна улога во нашите екосистеми, првенствено како контрола на популациите на глодари (како што се глувците) и се екстремно корисни. Голем број змии се хранат со други змии, односно ги контролираат нивните популации. Ова е точно и за поскокот, кој често се исхранува со младите од други змии. Така убивање на змиите всушност често би значело и зголемување на популација на друг вид на змија.

Нема никаков научно докажан ефект од продуктите кои се рекламираат и продаваат како средства против змии и истите може само да предизвикаат загадување на околината, така што не ги препорачуваме. Во Македонија не постои сервис за отстранување на змии, главно бидејќи едноставно не постојат видови кои се многу опасни.

Инаку МЕД, ги  проучува природните популации од овие животни. Препорачуваме да го чувате вашиот двор уреден, како не би создале места кои змиите би ги користеле како засолниште, а кога се движите во природа да имате стапче и соодветни планинарски обувки.###

 

 

Start typing and press Enter to search