Повеќе од 80 учесници од Македонија и регионот на Шар Планина учествуваа на 11 мај на завршната конференција на проектот за зачувување на биолошката разновидност на Шар Планина што го спроведува Македонско еколошко друштво од 2015 година заедно со локалните организации обединети како платформа „Пријатели на Шара“.
Конференцијата која што беше насловена „Предизвици за заштита на природата на Шара во идното прекугранично заштитено подрачје Шара, Кораб, Шари“ ги обедини сите домашни и меѓународни организации коишто работат на заштита на ресурсите на планината. Оваа прилика беше добра можност и експертите да потсетат за заканите што постојат на Шар Планина.
– Сведоци сме дека има неконтролиран незаконски лов, а најопасно е неконтролираното градење на Шара, дури и во високите предели. Затоа бараме што поскоро да се заштити ова подрачје. На тој начин ќе има поголема контрола на овој масив, кој, за жал, сега се уништува, изјави проф. д-р Љупчо Меловски од Македонското еколошко друштво.
На конференцијата се зборуваше и за придобивките на локалното население од собирање на споредни шумски плодови но и за контролата во овој сектор што ќе треба да се воведе кога ова подрачје ќе стане национален парк.
– Има тука разни плодови, боровинки, шарпланински чај. Овие работи се берат неконтролирано, не се чуваат. Во националниот парк ќе биде многу поинаку – вели универзитетскиот професор Гоше Стефков.
На конференцијата присуствуваше министерот за животна средина, Башким Амети, кој рече дека конференција е чекор напред кон процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк.
– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е предвидено со урбанистичкиот план на Македонија години наназад, а досега и во други пригоди Министерството давало заложби за ова да се случи. Со проектот финансиран од УНЕП и од ГЕФ, се подготвува студија за валоризација на природните ресурси за Шар Планина, како и други дополнителни документи за заокружување на овој процес, кои во следните две-три години ќе се финализираат – изјави Амети.
Проектот за „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо искористување на ресурсите на Шар Планина“ е финансиран од Германската федерална фондација за животна средина (DBU) а МЕД го спроведува со Фондацијата Еуронатур од Германија.