Запознајте ја Лиса, новата женка рис за годинава што ќе носи околувратник! На 24 февруари 2020 година рисаџиите од Македонското еколошко друштво (МЕД), заедно со претставници од Националниот парк „Маврово“, успешно заловија уште една единка од таинствениот балкански рис на планината Бистра спроти с. Ростуше, мавровско, користејќи кафез-замка.
Успивањето на животното и земањето на неопходните биометриски податоци и примероци поминаа во најдобар ред, а притоа асистираше и претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, како и соработник од Националниот парк „Харц“ во Германија. Утврдивме дека се работи за рисица на возраст 6–7 години, тешка 15 kg. Оваа дама е во одлична здравствена состојба, а тоа го потврдуваат и првите наоди на терен од плен – срна, само три дена по заловувањето.
Со тоа, Лиса е третата женка означена со околувратник, а деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.
Околувратникот ќе ни овозможи следење на животното преку методот на радиотелеметрија и GPS-лоцирање, со што ќе го надополниме знаењето за екологијата и биологијата на критично загрозениот балкански рис.
Овој успех се должи на плодната соработка со НП „Маврово“, како и на помошта од соработниците и волонтерите при активностите за мониторинг на рисот. Се надеваме на уште убави вести од терен!