Тимот за заштита на балканскиот рис од МЕД во соработка со вработените од ЈУ НП Маврово, ја започна третата систематска сесија на фото замки во Националниот парк „Маврово“. Сесијата започна на 9 март и ќе трае точно 60 дена. Добиените резултати ќе овозможат да се одреди големината на популацијата на рисови во засега единственото подрачје во Македонија каде е потврдена репродукција на рисот и кое за жал претставува засега единствен познат извор на популацијата. Овие резултати понатаму ќе овозможат да се дознае и целокупниот број на популацијата на рисот во погодните живеалишта на југозападен Балкан.
Освен тоа, споредбата на резултатите од оваа сесија со оние од 2008 и 2010 година ќе го потврдат трендот на популацијата во паркот. Овој особено значаен еколошки параметар ќе придонесе да се дознае нешто повеќе за критичниот статус на ова животно.
За крај, потврдата за присуството на главниот плен на рисот (срната и дивата коза) и нивното изобилие е од особено значење за понатамошен опстанок на рисот не само во заштитените подрачја, туку и пошироко во регионот.
МЕД изразува особена благодарност на ловочуварската служба на паркот која несебично го дели своето знаење за присуството на рисот во паркот и одбирање погодни места за поставување на фото-замките. Во реализација на овогодинешната сесија, огромна е помошта која ја пружаат и волонтерите на МЕД, Дејан Ѓорѓиевски и Марија Василевиќ.