Почитувани наставници и родители 👱♀️👨🦰🧒👦 во обид да придонесеме кон онлајн образованието 💻во следниот период ќе почнеме бесплатно да ги споделуваме со вас сите наши едукативни материјали. Целта на овие содржини е да ве запознаеме со дивиот свет 🦆🐝🐛🐦🌳и животната средина, да ги продлабочиме вашите знаења на темата, но и да поттикнеме поинаква љубов кон природата.
Започнувајќи од утре (среда 01.04.2020) ви нудиме куси информативни објави и работни вежби на повеќе теми. Средите ќе бидат резервирани за содржини за рисот 🐆 со кои ќе ви ја претставиме оваа таинствена мачка. Ќе опфатиме повеќе теми што ги отсликуваат животот на овој редок грабливец и заканите за неговиот опстанок. Значи, секоја среда одиме со нова тема за која ви подготвуваме и интерактивни задачи според одделението.
Како и секогаш, сите убави патувања започнуваат со приказна. Прочитајте ја и се гледаме во среда на еден поинаков час!
***
Рисот и гавранот
Оваа приказна доаѓа од длабоките канадски шуми, каде рисот скита заедно со сите волшебни суштества од шумата. Рисот, како гордо животно, никогаш не дозволуваше некој да оди пред него. Така тој постојано го бркаше гавранот, бидејќи гавранот се подбиваше со него и одеше секогаш пред него на патот низ шумата.
Една ноќ додека гордиот рис спиеше, гавранот, уморен од исмејувањето и бркањето, почна да му ги колва ушите. Толку многу колваше, што на крајот успеа да му се провлече низ двете уши кои се претворија во перчиња на главата на рисот. Кога рисот се разбуди сите шумски животни беа собрани околу него и силно се смееја. Рисот брзо истрча во шумата за да се скрие од останатите животни. Денес рисот сѐ уште е горд, но повеќе никогаш не се плетка со гавранот.