На 22 и 28 март во Скопје се одржаа две работилници за подигнување на јавната свест за значењето и важноста на отстранувањето на линданот од малата депонија во фабриката ОХИС во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД) и во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Целта на работилниците беше информирање на сите засегнати страни и јавноста за следните чекори во однос на постапката за отстранувањето на депонираниот линдан во кругот на фабриката ОХИС. Исто така една од целите беше да се дефинираат надлежности и заедничка координација и комуникација меѓу засегнатите страни во однос на отстранувањето на депонираниот линдан во кругот на фабриката со оглед дека станува збор за долгогодишен процес.
Според Канцеларијата за планирање при МЖСПП, до крај на април ќе се финализира тендерската документација по неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно што ќе биде објавен меѓународен конкурс на Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации (УНИДО) за избор на фирма и технологија за отстранување на депонираниот линдан од малата депонија во кругот на ОХИС. На есен се очекува да се знае и која фирма би била вклучена во процесот на отстранувањето на депонијата.
Подигнувањето на јавната свест на населението на Скопје за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина е една од активностите која се спроведува во рамки на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО. Главната цел на овој долгогодишен проект е во следниот период да се спроведе отстранување на депонираниот линдан од една од двете постоечки депонии кои се наоѓаат во фабриката ОХИС.
Македонското еколошко друштво е носител на активностите за подигнување на јавната свест, во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).