МЕД во соработка со Националниот парк Маврово организираше работилница на која што се разгледа можноста за развивање на Акционен план за заштита на балканскиот рис на територијата на паркот и неговата блиска околина.

На средбата на којашто присуствуваа преставници од НП Маврово и од швајцарската организација КОРА, исто така беа презентирани тековните проекти и реализираните активности во рамки на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, којашто МЕД ја спроведува седум години.

Според претставницит е на Националниот парк Маврово, идејата за создавање на Акционен план за заштита на балканскиот рис  е добредојдена и треба што поскоро да се реализира со цел да се задржи позитивниот тренд на популацијата на балканскиот рис во рамките на паркот.

Покрај оваа средба планирани се и уште серија на работилници за изготвување на заедничкиот документ кој всушност ќе ја продлабочи соработката помеѓу НП Маврово и Македонското еколошко друштво.

Инаку, НП Маврово и неговата околина претставуваат јадрово и единствено подрачје каде е потврдена репродукцијата на балканскиот рис.

Работилницата се одржа во хотел Макпетрол, Маврово на 16 и 17 септември 2013 година и беше финансиски поддржана од фондацијата МАВА , финансиер Програмата за закрепнување на балканскиот рис .

Start typing and press Enter to search