Македонско еколошко друштво ја поздравува одлуката на Владата за прифатливост на иницијативата за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – „заштитен предел“. Според законските процедури следуваат уште два чекори пред конечното прогласување на овој предел за заштитен. Во следните месеци треба да се спроведат јавни расправи за предлогот со локалното население и со другите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, од страна на МЖСПП треба да биде изготвен конечен предлог за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел. По неговото усвојување од страна на Владата конечно ќе имаме ново заштитено подрачје во земјата, прво од категоријата „заштитен предел“.

Во 2006 година Македонското еколошко друштво и Бугарската фондација за биодиверзитет, партнерски, секој од својата страна на Осоговските Планини, со поддршка на Франкфуртското зоолошко друштво, а подоцна и фондацијата Про-натура од Швајцарија започнаа процес за валоризирање на природните вредности на Осоговските Планини. Овој регион Министерствата за животна средина од двете држави го имаа идентификуваа како приоритетно подрачје за прекугранична заштита многу порано, за што веќе беше склучен и соодветен договор (Софија, 2000).

Во рамки на проектот за заштита на Осоговските Планини, во 2012 година МЕД изработи „Студија за валоризација со предлог за формирање на заштитен предел на Осоговските Планини“ и беа организирани и две јавни расправи во февруари 2013. Процесот тука застана, генерално заради немање на политичка волја истиот да се спроведе и заради економските приоритети на државата.

Нашите заложби за заштита на Осогово беа препознаени од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од Фармахем од Скопје. Програмата има поширока цел да ѝ помогне на државата во зачувување на големата биолошка разбноводност и природните екосистеми преку промоција на преку на нивно одржливо користење и управување, а со посебен фокус кон брегалничкиот слив. Осоговските Планини беа едно од идентификуваните подрачја со приоритет за зачувување заради подобрување на состојбата со природата и обезбедување на социо-економски бенефит за локалното население.

Во рамки на оваа Програма се направи анализата на состојбата со природните вредности во Источниот плански регион, која покажа дека на негова територија има мал број на заштитени подрачја (околу 70 ha, односно само 0,03 % од територијата на земјата), а од друга страна резултатите од истражувањата покажаа значајни природни вредности.

Вклученост на различни засегнати страни во процесот за заштита на Осоговските Планини

 

Во нашата работа преку различни настани, средби и состаноци беа вклучени сите засегнати страни. Студија за валоризација со предлогот за формирање на заштитен предел беа продолжени со активно учество и интензивна соработка со општините кои територијално припаѓаат кон Осоговските Планини, МЖСПП, МЗШВ, Министерство за економија, Центарот за развој на Источниот плански регион, ЈП “Национални шуми“ и другите клучни засегнати страни на локално и национално ниво.

Најголема улога во процесот на дефинирање на предлог граници и предлог зони на подрачјето одиграа носителите на одлуки, но земена е предвид и визијата на локалното насление за развој на регионот. Прилагодувањето на предлогот е направен од страна на експертскиот тим, во соработка со претставниците од Секторот за природа (МЖСПП) и другите релевантни министерства и владини институции (Сектор за минерални суровини – Министерство за економија, Сектор за водостопанство и Сектор за шумарство и ловство – Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ), ЈП „Национални шуми“, ЈП Хидросистем „Злетовица“, општините Koчани, Пробиштип, Крива Паланка и Македонска Каменица, како и консултација со дел од локалните чинители, особено бизнис секторот поврзан со рударство. Во овој период истакнуваме дека заложбите на Општина Кочани во зачувување на природните вредности на регионот беа многу значајни и конструктивни.

Врз основа на овој усогласен предлог направен е Анекс на Студијата, по што институциите се согласија со предлогот за заштита. Согласно законската процедура поднесена е Информација за прифатливост на предлогот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје од страна на МЖСПП до Владата и истата беше усвоена на Седница на Владата на 05.05.2020.

Нашата улога како Македонско еколошко друштво во овој процес е значајна не само од аспект на експертиза во однос на биолошката разновидност и дефинирање на предлог-границите на подрачјето, туку и од аспект на јакнење на капацитети, размена на искуства на стручни лица и институции за дефинирање и управување со заштитени подрачја и информирање на сите засегнати страни, клучен процес за надминување на потенцијални конфликти во однос на идното управување на подрачјето.

Несомнено е дека во годините што претстојат управувањето на подрачјето ќе се соочи со многу предизвици, но исто така сме убедени и дека локалното население ќе има и директни и индиректни придобивки од заштитата, преку брендирање на нивните локални производи (како боровинки, печурки, производи од земјоделството и сточарството) и алтернативна туристичка понуда (рекреација и спорт во природа). На долг план, очекуваме унапредување во користењето и управувањето на шумите и дивечот, зголемување на површините на значајните живеалишта и бројноста на значајните диви видови животни и растенија, намалување на криволовот, рибокрадството и дрвокрадството. Се разбира, очекуваме и зачувување на толку карактеристичниот „Осоговски предел“, настанат како уникатен спој на природата со луѓето, кој може да опстои единствено со опстанокот на традиционалните практики на користење на просторот.

За крај истакнуваме дека ова е историски напредок за заштита на Осоговските Планини, простор признаен на меѓународната карта на значајни подрачја како Значајно подрачје за растенија, Значајно подрачје за птици, Емералд подрачје и дел од Европскиот зелен појас. Неговата заштита претставува и Европски чекор кон зачувување на нашето заедничкото богатство.

Start typing and press Enter to search