Иако кај нас е редок, рисот во светот го има со различни распространување, бројност, но и изглед. Па така, треба да имаме на ум дека оваа граблива мачка ја има во четири различни вида: канадски рис (Lynx canadensis), ибериски рис (Lynx pardinus), црвен рис (Lynx rufus) и евроазиски рис (Lynx lynx).

Мајка со младо од балкански рис во НП Маврово

Канадскиот рис е распространет во северните делови на Америка, пред сè во Канада и Алјаска, но се спушта и до Карпестите Планини во Сое динетите држави. Иберискиот рис порано бил распространет на целиот Ибериски Полуостров и јужните делови на Франција. Денес го има во медитеранските шумски подрачја во делови од северна Португалија, и во централна до јужна Шпанија. Црвениот рис, познат и како бопкет, е ендемичен вид за Северна Америка. Неговото постојано рспространување главно е ограничено на планинскиот дел на Соединетите Држави, иако го има надвор од северната граница, која се протега од брег до брег, од Британска Колумбија до Нова Шкотска – и се протега на југ до сојузната држава Оахака, Мексико.

Именувањето на евроазискиот рис укажува на територијата на распорстранување, односно од Западна Европа, преку Русија се спушта до Централна Азија. Токму балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е подвид на eвроазискиот рис. Всушност, тој е еден од деветте подвида на евроазискиот рис. Но тука ќе се задржиме на нашиот рис.

Балканскиот рис, како најзагрозена популација на рис во светот, исклучиво ги населува шумите на Македонија, Албанија и Косово.

Кај нас се сретнува во мешаните шуми на западниот дел од државата, пред сè на планините Бистра, Кораб, Стогово, Илинска и Плакенска Планина, Јакупица и Јабланица. Теренските истражувања во последните години не потврдуваат присуство на рис на Пелистер и Галичица, иако овие подрачја нудат добри услови за негов опстанок. Така, рис последен пат на Пелистер е сликан во 2013 година.

Се смета дека националните паркови како делови од природата со најголема заштита, обезбедуваат најсигурни услови за живот на дивиот свет, па оттука и на балканскиот рис. Се проценува дека најголем број единки има во националниот парк „Маврово“, каде живеат околу 20 возрасни риса, а речиси исто толку рисови ги населуваат преостанатите делови на западниот дел од земјата. За националниот парк „Маврово“ е сигурно дека ова животно формира и потомство, што е докажано со фотографии од рисици со рисчиња направени со фотозамки во изминативе неколку години.

Start typing and press Enter to search