Во рамки на Програмата за закрепнување на Балканскиот рис, во периодот 14-16 Декември 2016, беше спроведен интензивен тренинг курс за проектните партнери, за основи на Географските Информациони Системи и картографијата. Тренингот беше одржан во канцеларијата на организацијата “PPNEA”, во Тирана, беше спроведен од Македонско еколошко друштво, а присуствуваа три учесници од ППНЕА и два учесника од организацијата “ERA” од Пеќ, Косово.
На почетокот на тренингот беа презентирани четири презентации, а поголемиот дел се состоеше со практични демонстрации и практична работа на учесниците на повеќе селектирани аспекти од ГИС кои беа идентификувани како потребни за Програмата (геореференцирање, трансформација на географски проекции, дигитализација, приказ и именување податоци, правење карти итн.). Дополнително, учесниците беа запознаени со користењето на неколку апликации наменети за мобилни уреди и нивно користење при собирањето податоци од терен. Во таа насока, учесниците беа обучени за напредно користење на ГПС, нагодување на бази на податоци за мобилни уреди во зависност од индивидуалните потреби при теренските истражувања, адаптација на “надворешни” податоци во ГИС формат и сл.
Во текот на тренингот беа користени ArcGIS, QGIS, Microsoft Excel, Google Earth и други софтверски пакети за Windows оперативниот систем, како и мобилните апликации Oruxmaps, MEMENTO Database, ES File Explorer, Mapfactor Navigator за Андроид.