Десетина новинари од Македонија и Бугарија ги запознаваа убавините на Осогово од македонската и бугарската страна на планината во рамки на турата организирана во склоп на проектот „Прекуграничен Биосфeрен резерват Осогово“, од Македонското еколошко друштво (МЕД) и партнерите од Бугарската фондација за биоразноозбразие (ББФ).
Првиот ден од турата новинарите го поминаа на Пониква, присуствувајќи на настанот „Осогово и лично и различно“, на кој имаа можност да разговараат со локално население од регионот, кое се занимава со традиционални дејности. Вториот ден од турата, започна со посетата на ловниот резерват Полаки. Оттука имаа можност да фрлат поглед на Раткова Скала и да слушнат повеќе за вредностите на локалитетот а потоа го посетија Споменикот на природа – Дабот Бели и селото Бели, каде разговараа со месното население. Во селото Нивичани исто така разговараа со локалците за нивниот живот и активностите кои ги обавуваат, а во селото Пантелеј, го посетија манастирот посветен на св. Пантелејмон. Потоа, на кратко го разгледаа селото Рајчани, кое беше посочено од експертите како потенцијал за развој на селски туризам и од таму, минувајќи низ Злетово, стасаа до Лесново, каде ги чекаше пригоден осоговски ручек. Покрај ресторанот кој е пример за успешен рурален туризам и музејот на Лесново, новинарите имаа можност да снимаат клесање на воденички камења и да разговараат со единствениот останат клесач на камења во Лесново. Третиот ден започна во Осоговскиот манастир, потоа со кратка посета на Крива Паланка, каде разговараа со лицениран планинарски водич кој го посветил животот на промоција на Осогово, а останатиот дел од денот го поминаа во бугарската страна на Осогово: најпрво во Општина Ќустандил, а потоа во селото Гранитца, каде го посетија манастирот св. Лука и вековната букова шумичка во близина, која е под строга заштита.
Се надеваме дека ваквата промоција на Осогово, преку медиумските репортажи кои ги очекуваме, ќе ја подигне свеста на населението за вредноста на овие планини и потребата од нивна навремена заштита.

Start typing and press Enter to search