Шест граѓански организации заедно со средношколци од шест региони во земјава ќе иницираат решавање локални проблеми за заштита на животната средина. Македонското еколошко друштво (МЕД) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) во следните две години ќе ги обучуваат екоактивистите и учениците од Пелагонија, Охрид, Струмица, Тиквеш, Демир Капија и Преспа како во нивниот регион да претстават одреден проблем и да го покренат прашањето, а притоа во решавањето да ги вклучат граѓаните и институциите.
ИКС и МЕД преку конкурсот што ќе биде објавен годинава, ќе ги повикаат граѓанските организации да се здружат со едно средно училиште од регионите со заштитени подрачја и да предложат како да се реши локален проблем од областа на животна средина. Избраните организации и училишта ќе учат како да ги развијат комуникациските вештини, да истражуваат врз база на податоци, да застапуваат и да лобираат. За да ги реализираат овие активности, граѓанските организации ќе добијат грант од 5.000 евра и менторска поддршка од професионалните тимови на ИКС и МЕД.
Проектот предвидува и изработка на онлајн едукативни ресурси, обуки, екокамп и теренски истражувања, кои треба да придонесат за создавање модел на неформално образование што и во иднина ќе може да се користи кога се прекршува правото на здрава животна средина.
Проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии во партнерство со МЕД, е со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).
Проектот е финансиран од ЕУ