Македонското еколошко друштво ги додели првите стипендии за студенти од Преспа, финансирани од Европската Унија

Создавањето локални стручни кадри е една од најважните долгорочни инвестиции во иднината на Преспа

Четворица студенти од Преспа, кои своето образование го продолжуваат во областа на природните науки, се добитници на првите стипендии што ги доделува Македонското еколошко друштво (МЕД) како дел од проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“, со кофинансирање од Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).

Преку месечни стипендии во износ од 400 евра, МЕД им обезбедува финансиска поддршка на матурантите и студентите од Преспа кои се определиле за студии во областа на екологијата, биологијата, шумарството и земјоделските науки, поттикнувајќи го нивното образование и стекнувањето стручни знаења и вештини што во иднина ќе им овозможат активно да придонесат кон истражувањето и зачувувањето на природното богатство и зајакнувањето на капацитетите за заштита на природата во Преспанскиот Регион.

„Зачувувањето на природата на Преспа не зависи само од добрите иницијативи и проекти, туку и од луѓето кои имаат знаење и стручност да се грижат за неа. Затоа сметаме дека поддршката на младите од регионот кои се определуваат за студии во областа на природните науки е особено важна. Нашата цел не е само да им помогнеме финансиски во текот на студиите, туку и да ги поттикнеме своето образование и професионален развој да ги поврзат со природата и предизвиците на регионот од кој потекнуваат. На Преспа ѝ се потребни млади, образовани и посветени луѓе кои во иднина ќе придонесуваат во истражувањето и заштитата на природата. Веруваме дека создавањето локални стручни кадри е една од најважните долгорочни инвестиции во иднината на Преспа“ – објаснува м-р Даниела Заец, координаторка на локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен.

Првите добитници на стипендиите се Александар Димитриевски, Александар Филиповски и Виктор Малинчевски, студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, како и Димитар Нечовски, студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје, кој истакнува: „Преспа е едно од оние места каде што човек најдобро ја чувствува вредноста на природата – со богат растителен и животински свет, ендемични видови, разновидни живеалишта и уникатен екосистем. Ако не ја заштитиме, можеме да изгубиме ретки видови, природни живеалишта и дел од природното богатство што со векови ја прави Преспа посебна.“

Покрај финансиската поддршка, стипендистите ќе бидат вклучени и во менторската програма на Македонското еколошко друштво, која ќе се спроведува во соработка со локалните заштитени подрачја: Паркот на природата „Езерани“, со кој управува Општина Ресен, потоа Националниот парк „Галичица“ и Националниот парк „Пелистер“.

„Преку директното вклучување во теренската и истражувачката работа, младите стекнуваат практични знаења и искуства, но и чувство на одговорност за природното богатство на Преспа. Тие се иднината и надежта за зачувување на овој регион од исклучително значење за биолошката разновидност“ – посочува м-р Андреј Гонев од Македонското еколошко друштво, ментор во програмата за мониторинг на крупни цицачи.

Од Македонското еколошко друштво ги охрабруваат сите заинтересирани матуранти и студенти од Преспа да ги следат информациите за програмата и можностите за стипендирање. Заинтересираните можат да ја посетат и локалната канцеларија на МЕД во Ресен, каде што ќе добијат повеќе информации за условите и постапката за аплицирање. Програмата за стипендирање ќе се спроведува до учебната 2028/2029 година, со што ќе продолжи поддршката за младите од Преспа кои својата иднина ја гледаат во природните науки и придонесот кон зачувувањето на природата.

Програмата за стипендирање се реализира во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

Содржината на ова соопштение е единствена одговорност на Македонското еколошко друштво и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Scroll to Top