
Најавената можност за ревизија на Директивата за птици и Директивата за живеалишта на Европската Унија, како и на мрежата на заштитени подрачја „Натура 2000“, може да ги уназади повеќедецениските достигнувања во заштитата на природата, предупредува организацијата „Брдлајф Јуроп“ во коалиција со други европски еколошки организации. Европската Комисија ја вклучи оваа можност во својата Работна програма за 2027 година, и покрај прелиминарните наоди од сопствената „стрес-тест“ анализа, кои укажуваат дека постојните прописи треба доследно да се спроведуваат, а не да се менуваат.
Коалицијата #HandsOffNature, во која покрај „Брдлајф Јуроп“ членуваат и Европското биро за животна средина, Фондацијата „ClientEarth“ и европскиот огранок на Светскиот фонд за природа, ја осудува најавата и потсетува дека против ревизијата се изјаснија дури 1,25 милиони граѓани преку петиција. Според организациите, приоритет треба да бидат подобрата примена на директивите, обезбедувањето финансиски средства и нивното поефикасно спроведување на терен.
Еколошките организации предупредуваат дека ослабувањето на законската заштита на природата би ја намалило и отпорноста на Европа на климатските промени, зголемувајќи ја изложеноста на загадување, топлотни бранови, поплави и екстремни временски појави. Дополнително, претставници на бизнис-секторот предупредуваат дека ревизијата би создала правна неизвесност, би го зголемила ризикот од судски спорови и би ги одложила неопходните инвестиции. Против најавата веќе се изјаснија и неколку земји-членки, меѓу кои Франција, Германија, Унгарија, Луксембург и Шпанија.
Коалицијата на еколошки организации ја повикува Европската Комисија да го заврши процесот на процена и да се насочи кон целосно спроведување и финансирање на постојните директиви. Како пример, ја истакнува претстојната иницијатива за води која би требало да се надоврзе на постојното европско законодавство, вклучително и Рамковната директива за води, а приоритет да имаат заштитата, одржливото управување и обновувањето на влажните живеалишта, поплавните подрачја, шумите и барите.
Најавената можност за ревизија е во спротивност и со неодамнешните заложби на Европската Унија на Конференцијата на Обединетите Нации за биолошка разновидност (COP17), кога ја потврди својата посветеност на забрзување на глобалните активности за заштита на природата. Според еколозите, евентуалното ослабување на постојните механизми за заштита би го нарушило меѓународниот кредибилитет на Европа и би ја довело во прашање нејзината способност да ги исполни преземените обврски.
Прочитајте го целото соопштение на следната интернет-врска.
