Лилјаците во Македонија 

Лилјаците се единствените цицачи кои имаат способност за активно летање и кои користат посебен систем за ориентација во просторот преку емитување звуци со висока фрекфенција (ултразвуци), наречен ехолокација.

Медитерански потковичар

Во Македонија се присутни 30 различни видови лилјаци, кои се со распон на крилјата до 45 см и тежина од 4 до 45 грама. Нив ги има насекаде (дури и во урбаните средини!), но најголеми популации и најголем број видови лилјаци се регистрирани во охридско-преспанскиот регион, Поречието и кањонот на Треска. Лилјаците не се активни во текот на целата година, така што, зиме, кога ќе залади, тие се повлекуваат во своите засолништа и тука презимуваат, односно хибернираат. Од 30 евидентирани видови лилјаци кај нас, 10 вида имаат категорија на загрозен вид според Европската црвената листа на загрозени видови.

Мал потковичар

Поради таинствениот начин на живот и ноќната активност, многу луѓе не можат да го забележат присуството на лилјаците во нивната околина. Но, лилјаците се насекаде околу нас: набљудувајќи го небото ноќно време може да се забележи како прелетуваат над шумите, ливадите, парковите, езерата, покрај реки или улични светилки барајќи храна. Тие користат најразлични засолништа како пештери, пукнатини во дрвја и карпи, напуштени рудници, а неретко и во различни градби, како на тавани, под ќерамиди, пукнатини во ѕидови, прозорски капаци и сл.

Како резултат на човековото влијание (сечење на шумите, исушување на водните површини, прекумерната употреба на инсектициди, вознемирување на колониите на лилјаците) денес сѐ повеќе се уништуваат природните живеалишта на лилјаците и се намалува бројноста на нивните популации. Зошто треба да не загрижува намалувањето на популациите на лилјаци? Сите лилјаци кои живеат во Македонија се исхрануваат со инсекти. Тие се на еден начин природни регулатори на инсектите. Да не се тие би имало премногу комарци и други штетни инсекти околу нас. Наспроти верувањата на повеќето луѓе, лилјаците не се опасни за човекот и не напаѓаат.

Долгокрилест лилјак

 

 

Корисни совети кога лилјак ќе ни влезе дома

Честопати се случува некое лилјаче во потрага по храна да влезе во нашиот дом, гаража или друга просторија преку отворен прозорец или врата. Во тој случај не треба да паничиме или да се обидуваме да го убиеме животното. Тоа што лилјакот лета низ просторијата во различни правци и маневри ги тера луѓето да помислат дека лилјакот пробува да ги нападне. Напротив, лилјакот е повеќе исплашен и пробува да најде излез надвор од просторијата. Во случај кога лилјак ќе влезе во некоја просторија, тогаш најлесен начин да се „избрка“ е едноставно да се изгасне светилката во собата и широко да се остави прозорецот или вратата отворена, и по можност да се запали светло на тремот. Кога лилјакот ќе почне да лета, тогаш тој ќе излезе од просторијата безболно. Друг начин на отстранување на лилјак кој е исто така безболен и безопасен за лилјакот е да се остави истиот да застане на некое видливо место (на ѕидот или завесата), се зема пластично канче (од еурокрем или мармалад), поголема конзерва (од грашок, ѓувеч и сл.) или кутија за кондури со кое внимателно се поклопува лилјакот, потоа со подебел и поцврст картон се затвора канчето, конзервата или кутијата, се изнесува надвор и внимателно се ослободува лилјакот. Постојат и други методи за отстранување на лилјаци од просторија, но ако нив не ги спроведе стручно лице може да бидат опасни по здравјето и животот на лилјакот! Затоа треба да се ограничиме само на претходно опишаните два методи. Треба да се внимава кога се отстранува лилјак секогаш на рацете да носиме градинарски или работнички ракавици, бидејќи во самоодбрана лилјакот може да нѐ касне. Доколку некој го касне лилјак треба веднаш да се обрати на лекар, бидејќи лилјаците може да бидат преносители на сериозни болести, како што е беснилото.

Start typing and press Enter to search