Текстот е преземен од блогот на Алине Сантос со нејзина дозвола. 

Пристигнав во Република Северна Македонија на почетокот на мај 2019 година за да работам како стажант на Земјоделскиот факултет. Требаше да останам во Скопје само два месеца. Останав четири.

Eгипетски мршојадец
автор: dr.-raju-kasambe

Покрај мојата главна задача, планирав да најдам волонтерска работа на некој проект за зачувување на природата. Сакав да бидам постојано зафатена, да се поврзам со локалното население и, како некој со образование во полето на екологијата, сакав да научам повеќе за тој аспект на Македонија. По неколку недели поминати во Скопје и кратко истражување стигнав во веб-страницата на Македонското еколошко друштво (МЕД), организација која е посветена на заштита на природата и која работи на повеќе проекти, од едукација до зачувување на диви животни и екосистеми. Јас само им испратив емаил и веднаш бев поканета во нивната канцеларија. Таму се запознав со поголем дел од вработените кои со задоволство ми објаснуваа за нивната организација и ми помогаа да ги разберам нивните проекти поврзувајќи ги со моите интереси. Кон крајот на посетата веќе се чувствував добредојдена да одам на теренски истражувања со нив. За жал, тоа не се случи толку бргу како што јас посакував. Не поради нивната недостапност туку поради конфликти со мојот работен распоред.

Кога конечно најдовме заеднички термин, јас бев пријатно изненадена, особено бидејќи беше неколку недели пред да заминам, и тоа во најжешкиот период од август. Теренското истражување на кое бев поканета беше поврзано со зачувување на птици во Овче Поле, сув рамничарски предел во централниот дел на државата кој изобилува со земјоделски површини. Сепак, прекрасен предел. Низ полињата се инсталирани бројни високонапонски и среднонапонски далноводи. Иако далноводите нудат локации за гнездење или перчење на птиците во регион кој има малку дрва, тие се и опасни поради ризикот од судари, па дури и електрокуција. Затоа, еден од тековните проекти на МЕД се фокусира на мониторинг на електрокуцијата на птици во регионот и работење со неколку засегнати страни кои би можеле да преземат превентивни мерки.

Лисест глувчар
Автор: Imran Shah

Контактирав со Данка Узунова, еколог и вработена во МЕД одговорна за проектот во Овче Поле, и таа ме одведе на теренско истражување. Периодот на истражување најчесто почнува во април и трае до крајот на август. За да ја избегнеме горештината, моравме да бидеме ранобудни, исто како и птиците. Тргнавме на терен во четири часот наутро и со тоа имавме доволно време да ги собереме потребните логистички детали како храна, вода и опрема. За помалку од еден час пристигнавме на локацијата и започнавме со работа. Данка ми ги објасни деталите околу пополнувањето на формуларите за истражување. Требаше да собереме детални податоци за времето, видот на бандерите, бројот на мртви птици и најинтересно – видот на птици кои ќе ги забележиме во околината. Јас немав претходно искуство со идентификација на птици, па Данка ме воведе и ми го објаснуваше секој чекор. Започнавме со обука за тоа како се користи двоглед, од тоа како правилно се држи до како да го прилагодам на мојот слаб вид. Потоа учев како треба да се пристапи кон идентификацијата на птиците – големина, облик, крактеристики, боја, лет, годишно време и живеалиште – сѐ игра улога. Дали е птицата колку врапче или колку грабливка? Дали има издолжен облик или личи на гулаб? И така, со помош на книгата за птици успеав да ја идентификувам мојата прва птица (од прва!): бел штрк. За мене тоа беше возбудлив момент. Сепак, тоа беше само почеток и мојата почетничка среќа не траеше долго. Со многу помош успеав да идентификувам и набљудувам неверојатни видови на птици, како на пример, шарената пчеларка, малото страче, и кон крајот на денот, модровраната.

Пчеларка Автор: pierre-dalous

Иако беше многу забавно тоа беше само дел од работата за тој ден. Требаше да прегледаме три трансекти со далноводи и да се увериме дали има жртви на електрокуција. Требаше да забележиме дали има животни кои се хранат со птици и за таа цел претходно се оставаат примероци од храна кои ние требаше да ги пронајдеме. За среќа, не најдовме знаци од електрoкуција, но бидјеќи не најдовме ни трага од оставената храна, можно е исто така сите докази за електрокуција да биле изедени.

Истражувањето на далноводите не е баш најлесната работа. Во овој сув предел сонцето е многу жешко а патот ни го пресекуваа и плантажи и канали. Условите за работа се компензираат со можноста да се ужива во птиците кои едреа по небото. Во еден извонреден момент, застанавме во колата помеѓу далноводите за да ги набљудуваме птиците кои како да нѐ чекале токму нас. Имаше неколку големи птици: два египетски мршојадци, еден царски орел, еден орел змијар, обичен и лисест глувчар. Некои птици во групи се одмораа под сонцето и на дрвјата, а други летаа сами или се бркаа со други видови. Некои од овие птици се преселници, а некои постојано живеат тука. Како почетник ми беше тешко да ги задржам во видното поле на двогледот, па затоа пропуштив многу од акцијата. Сепак, беше прекрасно да видам колку се радува Данка додека ги гледа птиците и дури и успева да ги идентификува само по звук. Бев среќна што видов некој кој толку си ужива во работата.

Модроврана Автор: charles-j-sharp

Кога ни остана уште еден далновод за проверка сонцето веќе беше високо и нѐ гореше. Околу нас се собраа љубопитни луѓе кои се интересираа за нашата работа. Додека одевме слушнавме и неколку истрели. Имаше ловџии во близина, ловеа птици. Сосема неверојатно, тоа го правеа за време на сезоната на парење. Кога конечно завршивме, Данка ме покани на традиционална храна на вистински македонски гостољубив начин. Ми кажа дека сум го положила најтешкиот тест. Дома се вратив правлива и преморена но и заинтересирана за тоа каде можам да си најдам еден добар двоглед.

Сите птици за кои пишував погоре, освен пчеларката и глувчарот, се сметаат за загрозени според Директивата за птици на Европската комисија. Тие се ставени на Анекс 1 од таа директива како видови кои се на работ од исчезнување или за кои се потребни мерки за заштита поради малите популации или живеалишта. Некои од птиците кои ги видов се навистина ретки.

Ако сакате да го видите блогот на Алине во оргинална форма кликнете тука.

А ако уште не ви е јасно зошто птиците се толку важни погледнете го овој документ.

 

Start typing and press Enter to search