Потребен материјал: коноп, конец или било каква долга лента, листови хартија
Цел: Да се разберат тесните врски помеѓу растенијата и животните во еден екосистем
Вовед: Во еден екосистем, секој жив организам има некаков ефект на другите околу него и обратно.
Повеќето односи се базираат на исхрана: еден вид може да се исхранува директно со друг, може исто така да биде паразит (споро јадејќи го домаќинот без да го убие), или пак може два организми да соработуваат во лов на нивниот плен, а секако повеќето се во натпревар со оние кои имаат слична исхрана.
Организмите не се во натпревар само за живи ресурси како растенија и други животни, туку и за неживите (абиотички) ресурси: две растенија може да се натпреваруваа за хранливите материи во почвата или пак за вода, доколку нема доволно.
Во еден екосистем може да препознаеме најразлични врски помеѓу организмите и да ги поделиме во категории: предација (еден го јаде другиот), паразитизам (паразитот пополека црпи ресурси од домаќинот без да даде нешто за возврат), компетиција (натпревар за ресурси), кооперација (соработка во потрагата по ресурси или партнери), мутуализам (настанува балансирана размена на ресурси помеѓу организмите, на пр. печурките црпат храна од корењата на растенијата, но за возврат тие им даваат одредени неопходни минерали на растенијата), коменсализам (едниот организам има бенефит од другиот, додека другиот нема ниту штета ниту бенефит), итн.
Упатство: Направете список на природни елементи кои постојат во регионот, а може и да ја проширите играта и да вклучите и елементи кои сте ги гледале на документарни емисии или за време на некои патувања: различни растенија и животни, вода, почва, итн.
Напишете го името на секој елемент на лист хартија (еден елемент може да се повторува). Секое дете одбира лист хартија, го прикачува на себеси и се замислува во улогата на елементот кој го претставува.
Сите учесници застануваат во круг. Започнете од случајно одбран елемент, подајте му го крајот на конопот на тој учесник и упатете го да пронајде друг елемент со кој ќе биде во некаква интеракција/врска (предација, мутуализам, итн.). Учесникот му ја подава клопката од коноп на тој елемент а го задржува крајот од конопот кај него/нејзе.
Продолжете така, додека сите учесници не се поврзани преку конопот, формирајќи мрежа. Додека се гради мрежата, возможно е конопот повеќекратно да се враќа на ист елемент. На крај, упатете ги учесниците да земат чекор назад ширејќи го кругот и растегнувајќи го конопот. Создадовте сопствен модел од екосистем.
Замислете дека некакво влијание му се заканува на некој елемент од екосистемот, на пр. човек го сече дрвото. Учесникот кој ја игра улогата на дрво почнува да го влече конопот кон себе и гледа како пополека почнува да ги влече и останатите учесници.
Дискутирајте ги ефектите на другите елементи откако еден ќе биде некако отстранет од екосистемот.
Дискусија: Дали постои растение или животно кое е целосно независно од останатите?
Овие лекции се дел од Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на #PrespaNet а е финансиран од @PONT.PrespaOhridNatureTrust @Aage V. Jensen Charity Foundation со поддршка од @EuroNatur.