Типично живеалиште за рис

Рисот живее длабоко во листопадни, мешани и зимзелени шуми, претежно на непристапни и карпести места. Ги одбира оние шуми кои имаат стабилни популации на копитари (срни, дивокози), и така има доволно извори на храна. Според тоа, на рисот му е потребна посебна средина која ги има неопходните услови за негов опстанок, и неа ја нарекуваме живеалиште.

Рисицата Лиса во шума

Секој рис живее во посебен дел од шумата, кој претставува индивидуална територија. Таа се состои од карпи и дрвја каде рисот се крие, наоѓа вода за пиење и плен за исхрана, па оттука, територијата ги содржи сите услови за живеење. Преку ден вообичаено одмара и спие скриен во густи грмушки и други безбедни скривалишта.

Како и сите мачки, за да ја обележи својата територија, рисот користи различни мириси знаци, вклучувајќи урина и измет, остава гребаници по дрвјата – на овој начин тој и комуницира со соседните рисови.

Рисот е многу срамежливо и тивко животно, па само малкумина го имаат видено во природа. Во присуство на човекот, тој секогаш ќе се скрие во блиските грмушки, над или до дрво или во блиските карпи. Најчестиот начин луѓето да забележат присуство на рисот е преку неговите траги во снегот.

Срна

Волк

 

 

 

 

 

 

Но покрај рисот постојат и други животни кои ги населуваат истите шуми и се борат да опстанат во истите услови. Тука е и мечката, потоа волкот, лисицата, дивата мачка, јазовецот, творот, дивата свиња, еленот, дивокозата, срната, зајакот и други ситни цицачи, а има и најразлични птици, влекачи, водоземци, и инсекти. Патиштата на различните диви животни се пресекуваат, се преклопуваат, некои се надоврзуваат. Различни диви животни се движат по исти патеки, но со различна динамика и во различен дел од денот. Тие ги користат постоечките планинарски патеки, шумските патеки и патишта, а си имаат и свои врвици. Истите патеки многу често ги користи и човекот кога се шета во шумите заради рекреација или пак заради грижа за самата шума.

Секое животно си има свое место во природата, секое си има своја улога и на свој начин придонесува кон одржување на природната рамнотежа во целиот шумски екосистем.

Дива свиња

Лисица

Мечка

 

 

 

 

 

 

 

 

Start typing and press Enter to search