Балкан Детокс: успешното заокружување на проектот – основа за следните потфати во борбата против труењето на дивиот свет

Кон крајот на април, во Скопје го организиравме завршниот настан на проектот „Балкан Детокс“ (LIFE19 GIE/NL/001016), којшто го отпочнавме во 2020 година заедно со 7 други партнери од регионот и Фондацијата за заштита на мршојадци и со поддршка од програмата LIFE на Европската Унија, со главна цел да го сопреме поставувањето на отровни мамки за диви животни.

Отровните мамки претставуваат сериозна закана за дивиот свет во Македонија. Нелегалното труење веќе предизвика целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец кај нас, а сега е најголема закана за преостанатите два вида мршојадци – египетскиот и белоглавиот.

„Проектот ни покажа дека вистинската соработка се гради кога институции, организации и луѓе работат заедно со подготвеност да слушаат, да ги препознаат предизвиците и да најдат заеднички решенија. Посветеноста што ја видовме ни даде поттик да продолжиме со нови проекти, иницијативи и партнерства. Исклучително значајна беше поддршката што ја добивме не само од институциите, туку и од локалната заедница која секојдневно се соочува со овие прашања и придонесува кон заедничката работа, истакна Арта Старова, координаторка на проектот, поздравувајќи ги присутните на средбата.

„Ова е повеќе од проект! Активностите што ги спроведовте не само што се исклучително важни и неопходни, туку со текот на времето излегоа надвор од првично планираната рамка и се мултиплицираа. Долго чекавме некој да нè обедини за оваа проблематика и тоа конечно му успеа на Македонското еколошко друштво“, изјави проф. д-р Марина Малиш Саздовска од Факултетот за безбедност, која беше меѓу присутните и е дел од долгогодишните соработници во рамките на проектот.

Покрај Факултетот за безбедност, во текот на изминатите пет години соработувавме и со Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ), Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Факултетот за безбедност, Ветеринарниот центар, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и „Аквила“ – Кавадарци.

Како резултат на проектот, во Македонија денес имаме:

  • Стандарден оперативен протокол (СОП) за постапување при случаи со труење диви животни;
  • Активна Национална работна група за борба против труење диви животни, составена од 35 членови од 13 институции;
  • Обучени јавни обвинители и експерти за постапување во случаи на еколошки криминал;
  • Подобрени оперативни капацитети на Факултетот за ветеринарна медицина за токсиколошка анализа;
  • Прирачници за криминалистички истраги и инспекциски надзор при случаи на труење диви животни;
  • Продлабочени познавања за обемот на злоупотреба и потеклото на легалните и нелегалните токсични супстанции што се користат за труење со диви животни, но и за нивното влијание врз здравјето на луѓето.

Националната работна група што се формираше во текот на проектот изготви нацрт-Национален акциски план за борба против труењето на диви животни. По низа консултации и ревизии, МЖСПП треба да го испрати до Владата на усвојување во текот на 2026 година.

Најпосле, проектот придонесе кон развивањето на повисока јавна свест за штетноста од користењето отровни мамки, особено кај локалните сточари на кои им беа поделени и комплети за прва помош против труење. Соработката со локалното население беше една од најзначајните: имавме едукативни работилници со мештаните, ни помагаа во итни случаи со закани од труење, ни јавуваа кога ќе видеа мршојадец.

Сите овие активности несомнено придонесоа кон зголемувањето на популацијата на белоглавиот мршојадец во земјава. Истовремено, од една страна, ја поставија основата за имплементација на проектите за обновување на популацијата на белоглавиот мршојадец (GriffON LIFE project) и за борба против криволовот на загрозени диви видови (Fight4WildLIFE) коишто Македонското еколошко друштво ќе ги спроведува во следните години. Oд друга страна, ја поткрепуваат нашата натамошна поддршка за воспоставување на нова единица во Министерството за внатрешни работи која би била специјализирана за работа во областа на еколошкиот криминал.

Scroll to Top