ПОАЃАЊЕ ЗА ЕКСКУРЗИЈАТА Е ВО 07:00 ЧАСОТ ПРЕД СПОРТСКАТА САЛА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Дојдете на пролетната екскурзија „Одиме на Јабланица“

Македонското еколошко друштво ве кани на прошетка/истражување во природа и дружба со останати природољупци. Оваа година ве каниме на прошетка низ Јабланица, идното заштитено подрачје на југозападот, на 20 мај 2023 година.

По пауза од неколку години ги собираме нашите членови на прошетка во природа. Прошетката ќе ја водат наши истражувачи кои ќе ве запознаат со живиот свет, ќе споделат совети за истражување во природа и ќе ве воведат во процесот за прогласување на ново заштитено подрачје „Јабланица“. Денот на кој се одржува оваа екскурзија е поврзан со светскиот ден на птиците преселници и меѓународниот ден на биолошката разновидност, па токму затоа одбравме локалитет кој изобилува со природни вредности – добро зачувани живеалишта, шуми, водени површини и неверојатна разновидност на животни и растенија.  Како и секоја македонска дружба и нашата ќе има дел посветен на добра храна 🙂 т.е. закуска која ќе ја обезбедиме ние. На крајот од екскурзијата ќе имате можност и да го истражите самото село Горна Белица.

ПОАЃАЊЕ ЗА ЕКСКУРЗИЈАТА Е ВО 07:00 ЧАСОТ ПРЕД СПОРТСКАТА САЛА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Која е целта на пролетната екскурзија?

Целта е преку различни активности во природа наменети за сите возрасти и нивоа на познавање да размениме знаење, идеи и искуства за природата и начините на кои можеме да ја зачуваме. Ова е денот на кој можете да се запознаете со дел од тимот на МЕД и со останатите членови, како и да се инспирирате за нови активности кои би ги спроведувале во вашата околина.

Како да се подготвите за пролетната екскурзија?

Трошоци:

МЕД ги покрива трошоците за транспорт на учесницте од Скопје. Можно е да имаме начини да помогнеме на учесници од други населени места, но за таа опција мора одделно да нè контактирате на obleshevska@mes.org.mk или преку пријавата. МЕД ќе обезбеди вода и закуска во Горна Белица.

Ви препорачуваме вие да испланирате дополнителна храна (појадок), овошје или зеленчук за ужина и задолжително понесете вода или пијалоци.

Облека и опрема:

Подгответе се за топло, но променливо време, носете облека во неколку слоеви и удобни чевли за природа. Важно е да понесете шешир или капче или било каква друга заштита од сонце. Доколку имате двоглед, не заборавајте да го понесете! Ве советуваме да си понесете перниче или простирка за пикник за да можете да уживате во природен амбиент. Најпосле, не заборавајте да понесете многу добро расположение!


Екскурзијата е бесплатна за членовите на МЕД. Доколку не сте наш член, можете да учествувате само доколку уплатите годишна членарина до 19.05.2023. Ова се однесува и на блиски роднини на нашите членови кои немаат платено семејно членство.

Зачлени се во МЕД и поддржи ја нашата работа! 


Пријавувањето за настанот е задолжително за сите учесници. Рокот за пријавување е 15.05.2023.

Пријава за Пролетна екскурзија „Одиме на Јабланица“


 

 

 

 

Start typing and press Enter to search