Успешно го спроведовме среднозимскиот цензус на водни птици за 2023 година! Овој пат имавме големи и мотивирани тимови т.е. 23 ентузијасти и професионалци од МЕД, вработени во Националниот парк „Галичица“, Парк на природа „Езерани“ и претставници на ПОНТ. Големите тимови ни овозможија подетално собирање на информации, побрзо движење на теренот и повеќе возбудливи размени на информации за видените птици и доживувања.

Поделни во четри тима можевме да ги покриеме Езерото Младост, Мантово, Преспанско, Охридско, Дојранско,Паљурци, Вардарски рид и Ѓол Богородица.  На сите локации имаше помал број птици од просечно и помал диверзитет на видови. Сепак, имаше и возбудливи моменти како здогледувањето на долгоопашестата патка (Clangula hyemalis) на Охридско Езеро што е само трет запис за Македонија, бел нуркач (Mergellus albellus) на Дојранско Езеро кој ретко е присутен и белите штркови крај Охридското Езеро кои се неочекувана, но се почеста појава на презимувачки штркови. Најброен вид на цензусот, како и најчесто е лиската (Fulica atra), следена од цуцулестите нуркачи (Podiceps cristatus) на Преспанско и Охридско езеро и езерскиот галеб на Дојранско езеро (Chroicocephalus ridibundus) а беа забележани вкупно околу дваесетина видови на водни птици, вклучувајќи и пеликани, корморани и чапји.

Start typing and press Enter to search