На денешен ден пред точно десет години го заловивме првиот балкански рис за научни цели. Се викаше Марко. Тој беше пионер во телеметриските истражувања во југозападен Балкан и икона во оваа програма за зачувување. Луѓето го познаваа, додека пак децата го спомнуваа во училиштата. За него беа направени документарни филмови, а се најде и во многу популарни статии, летоци, брошури и постери.
Никогаш нема да го заборавиме тој ден. Тимот составен од претставници на МЕД, Друштвото за заштита на природната околина од Албанија, како и Националниот парк Маврово успеаја да ја надминат тремата и да го спроведат наученото на дело. Марко беше заловен близу селото Сенце, во НП Маврово. Беше следен скоро година дена, но, во првата половина на 2011 според нашите сознанија беше цел на криволов. Криволовот и понатаму претставува една од главните закани за оваа мала популација (30-45 возрасни единки). Справувањето со оваа закана останува наш главен приоритет.
Марко нема да биде заборавен. Неговиот придонес кон еколошкото знаење за овој вид е доста значаен. Не само што обезбеди подобар увид во екологија на рисот, туку и ни помогна во обуката со методот на телеметрија, следење со помош на ГПС уреди, пронаоѓање пленови и подигање на јавна свест. Тој ја отвори вратата кон понатамошни истражувања кои во иднина би требало да овозможат комплетна заштита на балканскиот рис.