За правилна заштита на големите ѕверови, како што се кафеавите мечки, треба детално да ја знаеме нивната екологија. Исхраната е од основно значење и таа треба добро да се утврди пред да се предложат какви било мерки за управување со видот. Новиот научен труд, објавен во Македонското списание за екологија и животна средина, ја обработува и дискутира токму оваа проблематика. Овој труд произлезе од двегодишно научно истражување, спроведено прекугранично во преспанското сливно подрачје во 2018 и 2019 од страна на тимот за крупни цицачи на Македонското еколошко друштво (МЕД), Друштвото за заштита и зачувување на животната средина во Албанија (ППНЕА) и Друштвото за заштита на Преспа (СПП) од Грција.

Кафеава мечка фотографирана со фотозамка поставена во Преспа

Резултатите од истражувањето, кои произлегуваат од анализа на повеќе од 550 примероци од измет на мечка, откриваат дека овошките се главното јадење на преспанските мечки. Имено, дивите сливи се присутни во половина од пронајдените примероци. Исхраната варира низ годината и ја прати сезонската достапност на растенијата. Така, напролет, главниот оброк на мечките го сочинуваат тревести растенија и диви цреши, кои налето постепено се заменуваат со диви сливи и дренки, а пак наесен, во исхраната преовладуваат желади и други јатки, кои се богати со масти и се идеална храна во претхибернацискиот период. На македонска страна, наесен доминираат јаболката, кои ги има во изобилство во регионот.

И покрај сештојадната исхрана на овие животни, истражувањето многу јасно ни покажа дека мечките од преспанското подрачје нималку не би ги опишале како страсни месојади. Така, остатоци од копитари беа пронајдени во помалку од 5% од примероците, а само 1,5% припаѓаат на домашна стока, како кози и овци. Со ова, еден од заклучоците на трудот е дека кафеавата мечка не претставува сериозна закана по сточарските активности во регионот.

Опсежни истражувања од овој тип дозволуваат да се добие увид во целокупната палета на исхрана на мечката. Кога храната е во изобилство, мечките се приклонуваат кон поспецијализирана исхрана, главно претпочитајќи ја најдостапната овошка. Меѓутоа, кога храната во природата е поретка, тие се принудени да ја „прошараат“ исхраната и така стануваат понагласени сештојади. Ова е уште еден силен аргумент за поголема заштита и намалена узурпација на природните живеалишта на мечките, со цел да се намалат конфликтите со луѓето.

Дополнително, во трудот се дискутираат и разликите во исхраната во трите држави, изборот и квалитетот на живеалиштата, и се прави поврзување со трофичната екологија на мечката. Преземи го целиот труд за да дознаеш повеќе.

Start typing and press Enter to search