Новиот научен труд за балканскиот и кавкаскиот рис, кој произлегува од мултудисциплинарна соработка меѓу научници од Европа, нуди свеж поглед кон генетскиот статус на критично загрозената мачка од Балканот и дава насока за идни заштитарски мерки.

Според трудот, азиските и европските популации на рисот започнале генетски да се одделуваат пред околу 100 илјади години, по што следело опаѓање на бројноста, кое се засилило во последните 750 години. Од анализата на митохондрискиот геном, односно ДНК од митохондриите – која се пренесува по мајчинска линија – утврдено е дека кај балканскиот рис постојат два хаплотипи, а кај кавкаскиот, шест. Хаплотипот претставува група алели (верзии на еден ген) кои се наследуваат од еден родител – во случајот, мајката. По сродноста на овие хаплотипи се заклучува дека балканскиот и кавкаскиот рис генетски се одделиле еден од друг пред 46 илјади години, а тие два од останатите евроазиски рисови пред речиси 93 илјади години.

Од друга страна, анализата на јадрениот геном (ДНК во клеточното јадро) упатува на поблиска сродност на балканскиот со карпатскиот рис, иако двете популации содржат различни сета на хаплотипи (хаплогрупи), кои се одделиле пред околу 100 илјади години. Оваа сличност се должи на честата интеракција помеѓу двете соседни популации. Ваквото пренесување на гените, пак, одело по машка линија.

Сепак, најважно е дека овој труд ја потврдува генетската осиромашеност на популацијата на балканскиот рис, која се должи на долгогодишното размножување во блиско сродство (инбридинг), предизвикано од малите и расцепкани популации на овој подвид рис. Поради ваквата ниска генетска разновидност потребно е итно да се делува со заштитарски мерки.

Балканскиот рис се смета за најзагрозен од сите подвидови на евроазискиот рис. Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) го рангира како критично загрозен, бидејќи брои не повеќе од 50 возрасни единки во светот. Неговото распространување е ограничено на Југозападен Балкан, а неговото јадрово подрачје се протега по должината на македонско-албанската граница. Националниот парк „Маврово“ важи за главното упориште на балканскиогт рис. Пообемни заштитарски активности започнаа во 2006 година со иницирањето на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која трае сè уште и е во шестата фаза. Македонското еколошко друштво е парнер во овој проект уште од самиот почеток.

Сите овие информации се од голема полза при осмислувањето подобар заштитарски пристап со кој би се избегнало претстојното истребување на нашата сакана мачка! Прочитај го целиот труд на следниот линк.

Start typing and press Enter to search