Членовите одлучија – Тема на годината за 2022 ќе биде Биодиверзитетот на Преспа

Илина Арсова прва Амбасадорка на МЕД

Соопштение (10.12.2021): На 09.12.2021 година ja организиравме Годишната средба на членството на МЕД, овој пат на ЗУМ. Оваа средба е прилика за нашите членовите да се запознаат со најголемите достигнувања на годината која изминува и да чујат кој ќе биде фокусот на нашата работа во следната година.

На средбата имаше експертски презентации од три наши долгорочни проекти кои минатата година имаа неверојатни достигнувања. Деспина Китанова зборуваше за децениската работа на МЕД во Осогово и прекрасната можност конечно да го поддржуваме процесот на воспоставување и управување на Заштитен Предел Осогово; Диме Меловски се осврна кон загрижувачките резултати за бројноста на балканскиот рис и потребата за уште поголеми напори за негово зачувување, а Драган Арсовски презентираше восхитувачки научни достигнувања од младите еколози кои ги поддржавме преку програмата „д-р Љупчо Меловски“.

Средбата беше прилика конечно да му честитаме и на Никола Костовски од Демир Хисар, наставник кој освои второ место на меѓународен натпревар за едукативни програми поврзани со птиците преселници, како и да им се заблагодариме уште еднаш на сите фотографи кои учествуваа на натпреварот за фотографии од птици.

Вистинската возбуда на настанот беше моментот кога конечно објавивме дека Илина Арсова ќе биде амбасадорката на МЕД за 2022 година. Илина беше избрана како поборник за здрав живот преку здрава природа, како човек кој ја цени природата со збор и со дело, истражувач кој поттикнува и други да ја истражуваат природната убавина на светот. Илина се обрати кон сите членови и со радост ја прифати нашата номинација. На следниот линк може да погледнете и кусо мотивациско видео.

На крајот на Средбата, претседателот Професорот д-р Славчо Христовски, во своето обраќање ја истакна работата на МЕД во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, надградбата на капацитетите на МЕД и ги најави следните теми на коишто ќе продолжи работата на МЕД во 2022 година. Професорот Христовски ја истакна заложбата на МЕД да делува само кога ќе има наука зад своите дела, да нема избрзани реакции и својата мисија за заштита природата и животната средина преку проширени знаења и граѓанска вклученост да ја исполнува преку стратегии кои ќе донесат трајни решенија.

Нашите членови се функционален дел од организацијата и соработката со нив ни е особено важна за подобрување на нашата работа и активности. Затоа на крајот на средбата тие гласаа за темата на 2022 година. Оваа тема ќе биде главен фокус на повеќе настани и активности во кои ќе може да се вклучат членовите (како учесници или организатори). Темата која победи е „Биолошката разновидност на Преспа“.

Доколку сакате да станете член на МЕД можете тоа да го сторите на следниот линк.

Start typing and press Enter to search