Кон крајот на октомври 2022 година ја поддржавме организацијата на регионалната работилница за номадско сточарство и мршојадци. Дел од нашата задача беше да осигуриме дека сите релевантно засегнати страни од Македонија се присутни на работилницата. Тридневниот настан беше организиран заеднички со Yolda Initiative, Vulture Conservation Foundation и EuroNatur а финансиран од Фондацијата МАВА и од LIFE Програмата на Европската Унија во рамките на проектот BalkanDetox LIFE. Учествуваа вкупно 32 лица од 11 различни земји.
Целта на овој состанок беше да се формира основата за една балканска мрежа помеѓу номадските сточари, еколозите кои работат на зачувување на мршојадците и соодветните институции.
Овој состанок беше добра прилика да се разгледаат сегашните состојби во сите земји од Балканот како и да се споредат со состојбата во Европа. Дополнително, на состаноков сите номадски сточари имаа прилика да ги изнесат сите проблеми со кои се соочуваат а истите беа и распоредени во следните групи на проблеми:
- Проблеми со политики на државите
- Економскиот модел
- Инфраструктурни проблеми
- Општествени вредности
Регионалната група ги разгледуваше и релевантните политики во Европа кои се поврзани со номадското сточарство, како и Заедничката земјоделска политика на ЕУ. Како еден од значајните процеси кои се случуваат во регионот беше објаснет и целиот тековен процес кој се води во Албанија за прогласување на номадското сточарство за нематеријално културно наследство во УНЕСКО.
Втората тема која беше разгледувана пред целиот форум беше зачувувањето на популациите на мршојадци и релевантните проблеми кои оваа тематика ги покрива – потребата од станици за прихрана, проблемите со секундарно труење и начините на кои кучињата можат да бидат решение на овој проблем.
Третата тема беше поделена на правни, финансиски и оперативни предизвици кои покриваат специфични законски регулативи, субвенции, поедноставени бирократски процедури и можности за поддршка во Европската Унија. Дополнително, беше дискутирана и потребата за подобро брендирање на производите, и подобра организација на сточарски задруги.
Листата на активности и решенија која беше предложена на крај е следнава:
- Повеќе истражување, податоци и објави на темата
- Поедноставни протоколи за аплицирање за субвенции и финансиска поддршка
- Промовирање на номадското сточарство како туристичка понуда
- Одредување на бренд и процес на сертификација
- Лобирање во глобалните или интернационални организации кои може да обезбедат поддршка за номадските сточари
- Одредување на амбасадори кои го промовираат номадското сточарство
- Заштита и зачувување на постојните локации за користење вода како и одржување на рутите кои се користат
- Пристап до основни услуги како греење, струја и вода.
Како дел од работилницата беше посетена и станицата за прихрана во Витачево на која можеше да се разгледаат состојбите со локални сточари, пределот, предизвиците и напредокот кој се постигнува со користењето на ГПС за следење на мршојадците.