Зелена инфраструктура е стратешки испланирана мрежа на природни и делумно природни подрачја. Со зелената инфраструктура се планира просторот на начин на кој се штити природата и се намалува расцепканоста (фрагментацијата) на природните подрачја. Иако подрачја се штитат преку мерки за заштита, со зелената инфраструктура се внимава на нивната поврзаност. Притоа, предвид се земаат различните елементи што се важни за да може еден зелен регион да функционира – од слободен проток на вода и ресурси до слободно движење на животни. Заштита на едно подрачје не е доволна доколку надвор од неа се спроведуваат инфраструктурни проекти што спречуваат проток на вода и движење на животни. Овој тип фрагментација е еден од најголемите закани за заштитата на животната средина.

Концептот за зелена инфраструктура е поврзан со концептот за екосистемски услуги – придобивките кои луѓето ги имаат од природата. Функционалните екосистеми нудат низа придобивки. На пример, шумите создаваат чист воздух и чиста вода, нудат заштита од поплави, го ублажуваат влијанието од климатските промени, итн. Но за да можат луѓето да ги користат придобивките од екосистемите, тие мора да бидат во здрава состојба. За тоа е важна зелената инфраструктура.

Со зелената инфраструктура природните екосистеми се сметаат за инфраструктура од која луѓето имаат полза во просторна, економска и рекреативна смисла, и токму затоа таа треба да се заштити. Покрај зелената инфраструктура, постои и сива инфраструктура, која опфаќа секаков тип инфраструктура изградена од човекот, како патишта, брани, цевководи, итн. Сивата инфраструктура е самиот пат, а зелената инфраструктура подразбира, на пример, негова изградба со водопропустлив материјал и вегетација која ја апсорбира водата, со што се спречуваат поплави. Зелените мостови на животните им овозможуваат премин преку патиштата и движење низ поголема територија. Брана која е направена по начелата на зелената инфраструктура не го уништува речниот екосистем. Со зелената инфраструктура се внимава сивата инфраструктура да не ги уништува придобивките што сме ги стекнале од природата.

Зелената инфраструктура може да се примени за различни цели – од зачувување на веќе заштитени подрачја, до поврзување на фрагментирани подрачја и реставрација на загрозени екосистеми, и тоа во рурални и градските средини. Зелената инфраструктура во градските средини може да има најразлична форма: зелени кровови на зградите, паркови, па и улишта за пчели.

Накратко, зелена инфраструктура не значи едноставно „зелен простор“. Зелена инфраструктура значи интегрално планирање на просторот на начин на кој ги чуваме природата и придобивките од неа.

 

Start typing and press Enter to search