Заштитеното подрачје „Осоговски Планини“ во соработка со МЕД го означи денот на пролетта со поставување на туристичко информативни табли на Пониква
Кочани 21 март, 2022 – Македонско еколошко друштво во соработка со ЗП „Осоговски Планини“ денеска на Пониква ги промовираше поставените информативни табли за посетителите на подрачјето. Таблите имаат информативен карактер и содржат општи податоци за заштитеното подрачје, неговата геолошка и биолошка разновидност како и интересни податоци и факти за туристичката понуда во регионот.
„Заштитениот предел „Осоговски Планини“ е дом на шуми со висока природна вредност кои се особено значајни за поддржување на биолошката разновидност и здравиот живот на луѓето. Токму затоа, ова е локацијата на која денеска ги одбележуваме денот на пролетта и денот на шумите“ – изјави Деспина Китанова, раководител на програма во МЕД.
Туристичките информативни табли се изработени во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија
Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), која има за цел да и помогне на Република Северна Македонија во зачувување на големата биолошка разновидност и природните екосистеми преку промоција на нивното одржливо користење и управување. Излезната фаза од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија е координирана од проектен тим кој се состои од претставници на Фармахем a МЕД е вклучен во програмата како партнер.###