Поставена метална конструкција и безбедносен шатор во кој ќе се врши ископ на линданот и неговите изомери од малата депонија во ОХИС

07.03.2022 година, Скопје – Во периодот јануари-февруари 2022 година, во рамките на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, а се однесуваат на малата депонија на ОХИС, беа реализирани низа активности со кои се завршени сите предвидените задачи од подготвителната фаза.

Металната конструкција која претставува основата за заштитната ПВЦ фолија и самата фолија, беа поставени кон крајот на февруари. Она што следи е поврзување и стабилизирање на шаторската фолија за металната конструкција, како и поставување на дополнителни фолии особено на местата каде ќе се случува најголемиот промет на работниците. Овие зајакнувања на шаторската фолија ќе се вршат токму на планираните тунели (вкупно три) каде ќе има влез на опремата и персоналот кој ќе работи на ископувањето, и излез на ископаните и спакувани количини на HCH , линдан и контаминирана почва.

Во следниот период ќе се тестира непропустливоста на самиот шаторски материјал, што е неопходен фактор за обезбедување услови на негативен притисок, потребен за минимизирање на емисиите на прашина и контаминиран материјал во текот на спроведувањето на оперативните активности.

Досега во рамки на подготвителната фаза на процесот за ископ на HCH  и линдан се обезбеди персонал кој ќе работи на теренот и механичка опрема и машини за поставување и зацврстување на металната конструкција.

Овие активности се веќе завршени и за нивното спроведување беше потребен временски период од приближно 60 дена, со оглед на променливите временски услови и неможноста да се работи во услови на силен ветер и дождови.

На почетокот на оперативната фаза, изведувачот ПОЛИЕКО ќе спроведе обуки на персоналот за ископување и ракување со отпад од HCH, процес на ископување, пакување, складирање и реставрација на локацијата. Динамиката на активностите на ископување ќе зависи од расположливиот капацитет на фирмата изведувач.

Се очекува дека до средината на мај ќе биде завршено ископувањето и пакувањето на околу 650 тони контаминирана почва и линдан/HCH.

Работата на изведувачот ПОЛИЕКО и понатаму ќе биде следена како од Државниот инспекторат за животна средина, така и од супервизорската компанија TAUW.

Завршна фаза на целиот процес е делот на транспортирање на отпадот до објекти за конечно отстранување поаѓајќи од Северна Македонија, преку соседна Република Грција до Франција и Холандија/Германија, каде ќе се спроведе согорување или ремедијација на отпадните материи и почва.

Во сите фази на процесот на чистење, независно од изведбата на вработените и ангажираните лица од страна на фирмата изведувач ПОЛИЕКО, ќе се спроведува активно следење на состојбата на животната средина преку следење на квалитетот на изведбата, квалитетот на воздухот и следење на квалитетот на подземните води и генерираните отпадни води.

Сите податоци ќе бидат објавени во јавност по завршувањето на мерењата во текот на отстранувањето на линданот, а деталите околу истражувањата ќе бидат споделени и на јавни дебати. Македонското еколошко друштво (МЕД) подготвува и документарно видео за целиот процес на отстранувањето на линданот од малата депонија во ОХИС.

МЕД во рамките на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, спроведува активности за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина. Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), имплементиран преку УНИДО (United Nations Industrial Development Organization) и се спроведува во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Start typing and press Enter to search