Во ноември (22-25), Чешкото друштво за орнитологија (CSO) организираше тренинг работилница за онлајн портали за птици и Меѓународни цензус плотови (ICP) во Брно во Институтот за биологија на рбетници.

Тренинг работилницата се одржа по редовниот состанок и работилница за собирање податоци во рамки на EuroBirdPortal (EBP), и траеше два дена (20-ти до 21-ви ноември). Целта на тренинг работилницата беше да се запознаат партнерите на проектот LIFE EBP 2 со концептот и методологијатаза мониторинг на птици и ICP, како и со структурирање и водење национален онлајн портал. Вкупно, 23 учесници од 12 европски земји учествуваа на тренинг работилницата.

Темите на работилницата беа поделени на четири главни дела. Првиот дел го водеше Петр Воришек од Чешкото друштво за орнитологија и се фокусираше на прашања при поставувањето на стандардизирана шема за мониторинг на птици и објаснување на концептот и методологијата на ICP, заедно со понатамошното управување со податоците и проверките на податоците. Бидејќи секоја земја во рамките на проектот нема да има капацитет да започне целосно развиена национална шема за мониторинг на птици, идејата е да се собираат податоци за птици со истата методологија низ земјите учеснички, кои потоа ќе се внесуваат во еден сет податоци за да се создаде регионален индекс на промени во популацијата. Се надеваме дека со време капацитетите на земјите ќе се зголемат, и ќе имаат добра стартна точка за сопствената национална шема за набљудување на птиците.

Во рамки на првиот ден, претставници од Молдавија, Србија и Црна Гора претставија свои пилот активности за поставување на шемата за мониторинг и различни проблеми и предизвици со кои се соочуваат. Главниот заеднички проблем што го делеа партнерите е недостатокот на квалификувани волонтери за мониторинг на птици. На пример, во Молдавија, моментално има 10 луѓе кои го спроведуваат пилот мониторингот. Во Србија, околу 30 луѓе, а во Црна Гора, само 3 луѓе се приклучиле на пилот шема. Во рамки на овој проект, голем дел ќе биде посветен на обидите да се зголеми интересот и капацитетите кај волонтерите за работа на терен, како и воспоставување на поголема мрежа на волонтери.

Вториот дел го водеа колегите од Каталонскиот орнитолошки институт (Габриел Гаргајо, Марк Ија и Ксавиер Риера) и беше фокусиран на воспоставување национални онлајн портали и сите чекори потребни за то а- од поставување на портал до регрутирање на набљудувачи и задржување на нивниот интерес, како и управување и проверка на податоците на онлајн порталите. Беше важно да се влезе во детали засите чекори што се однесуваат на онлајн порталите, бидејќи учесниците од клучните земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) ќе ги воспостават своите национални портали како дел од проектот и ќе бидат одговорни за нивната функционалност и долгорочно водење. Еден дел што можеби ќе биде корисен за вспоставување на мрежите на волонтери и одржување на порталите е ажурирањето на Водичот за најдобри практики што треба да биде произведен до крајот на 2024 година.

Третата секција ја водеа Ана Станева од BirdLife Europe, Алена К’лванова од Чешкото друштво за орнитологија и Габриел Гаргало од ICO кои укажаа на важноста на податоците собрани преку онлајн портали за птици и стандардизираното набљудување на птици во креирањето политики за зачувување на птиците на национално и европско ниво, како и во дефинирање на наоски за научно-истражувачка работа во иднина. Исто така, беа претставени повеќе локални студии на случаи од Романија, Шпанија и Чешка со цел да служат како инспирација за тоа што би можело да се направи. Секцијата заврши со дискусија за локалните потреби на партнерите и нивните соодветни прашања и предизвици во рамките на националните политики.

„Големата разлика во националните капацитети за набљудување на птици и следење на стандардизирани методологии за собирање податоци за птици помеѓу земјите од западна и источна/југоисточна Европа се секогаш јасно воочливи. Унапредување на локалните капацитети на ниво кое ќе им парира на капацитетите во земјите од западна Европа е активност која треба да се спроведува во подолг временски период (децении) и континуирано. Јасно ни е дека во наредните 3 години нема да можеме да се доближиме до тие бројки и да собираме сличен квантум на податоци како и овие земји, но ова е идеална почетна точка за зголемување и унапредување на локалните капацитети. Таа основа ќе ја воспоставиме со тоа што ќе овозможиме континуирани тренинг активности за учење за препознавање на птиците и примена на стандардизирани методи за собирање на податоци за птици на терен” – изјави Данка Узунова, раководител на проектот LIFE EBP2  за С. Македонија.

На крај, ја завршивме работилницата со еден ден во природа, каде ги тестиравме ICP методологијата и различните онлајн портали за собирање податоци за птици директно на терен. Студените временски услови не го спречија ентузијазмот на учесниците; кои ќе го пренесат своето знаење во своите сопствени земји. Целта на овој проект е да се поттикнат партнерите на проектот да го зголемат својот капацитет и полека да започнат да развиваат поголем интерес во набљудување на птици и стандардизиран мониторинг на птици во нивните сопствени земји.

Start typing and press Enter to search