Вклученоста од страна на правосудните органи во актуелните теми во заштитата на природата и животната средина е клучна за сузбивање на еколошки кривични дела, беше заклучено на меѓународната работилница за улогата на јавните обвинители во истрагата и гонењето со случаи со еколошки кривични дела. Меѓународната работичница која се одржа на 8 ноември во Мадрид, Шпанија, беше организирана од страна на Фондацијата за заштита на мршојадци заедно со шпанското јавно обвинителство.  Од нашата држава, беа присутни претставниците Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство и Сузана Мирческа Кузмановска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Работилницата беше организирана во рамки на проектот БалканДетокс LIFE, кој што има цел да ги зајакне капацитетите на државните институции во нивното справување со незаконско труење на диви животни, но и да ја подигне јавната свест за овој проблем. Кога станува збор за труење на диви животни, се бара активно вклучување на повеќе сектори и државни институции за да може ефикасно да се постапи во истражните активности и соодветно да се санкционира ова кривично дело. Целта е да се намалат случаите со незаконско труење, и тоа може да се постигне не само со подигнување на јавната свест и спроведување на криминалистички истраги, но и доделување на соодветни казни што би ја одразиле вистинската опасност од користење на ваков неселективен метод на усмртување на животно, или пак човек.

Работилницата ја започна главниот јавен обвинител за животна средина и урбанизам во Шпанија, д-р Дон Антонио Верчер Ногуера со презентација за јавното обвинителство за заштита на животна средина и просторно планирање. Понатаму, подетално навлегоа во случаи јавните обвинители Кристина Зурдо Гараи – Гордовил за кривични дела против шпанско уметничко и историски наследство, и Кармен де ла Фуенте Мендез за сузбивање на случаи со електрокуција и колизија со птици во Шпанија. На работилницата беше присутен и Хозе Антонио Алфаро Морено, виш специјалист за организиран криминал на ЕУ во Европол.

„Студиската посета сама по себе овозможи воспоставување на лични контакти и вмрежување на лица кои се навистина посветени на оваа сериозна и предизвикувачка тема, на што навистина сум благодарна. Воедно ми овозможи пристап до нови начини на постапување, како и видовите на заложби на државата и Јавното обвинителство во спречувањето на разни дејствија кои се насочени кон дивиот свет. Пред се кон заштитените видови на лешинари, но и други видови птици“, вели Спасенка Андонова од Основно јавно обвинителство, која беше дел од оваа работилница.

Во 1990 година, регионалната Влада на Андалузија во јужна Шпанија воведе наредба за позајакна регулација на конструкцијата на далноводи, за да бидат побезбедни за птици (Decree 194/1990). После 18 години, Владата на Шпанија воведе во основната легислатива на национално ниво наредба за соодветна конструкција на далноводи, но и изолирање на веќе поставените енергетски столбови (RD 1432/2008). Вакви мерки можат и требат да се земат во предвид доколку државните институции сакаат да делуваат на превентивен начин кога станува збор за заштита на природата.

Прочитајте ги впечатоци од јавните обвинители од Македонија што присуствуваа на состанокот во Мадрид:

„Настанот беше краток, концентриран, интересен и корисен. Искуствата и самото постоење на специјализирано обвинителство за справување со EnviCrime (еколошки кривични дела) за нас е од големо значење и адут во ангажирањето за создавање на специјализирано обвинителство кај нас“ – Сузана Мирческа Кузмановска, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„Сметам дека овие искуства на шпанското јавно обвинителство за животна средина, можат да послужат како позитивен пример кој може да најде простор за примена и кај нас. Особено во однос на поактивната улога и можности кои ги имаат невладините организации кои работат за зачувување на животната средина, заштитените животински и растителни видови. Тоа може да се применува преку нивно пријавување, помагање со знаење, искуство на терен, експертизи и контакти со лица кои се експерти во одредени области, во координација со надлежен обвинител и надлежни инспектори и претставници на Министерство за внатрешни работи“ – Спасенка Андонова, Основно јавно обвинителство.

Start typing and press Enter to search