Сунчица се подготвува за лет

Белоглавите мршојадци се едни од најпрепознатливите птици кои живеат во Македонија, но нивниот опстанок зависи од многу држави бидејќи тие прелетуваат илјадници километри пред да свијат гнездо. Таков е примерот со „нашата“ Сунчица која беше обележана и пуштена на слобода во Витачево, Кавадаречко а сега се наоѓа некаде над Ирак. Сунчица беше најдена од страна на здружението Про Анима близу Берово заедно со Светислав, и се наоѓаа во лоша состојба, веројатно прегладнети и изнемоштени. По успешното опоравување во Зоолошката градина во Скопје и двајцата млади белоглави мршојадци беа обележани со GPS уреди во октомври 2019 година. Уредите за сателитско следење на птиците беа обезбедени во рамки на Балканскиот проект за борба против отрови – програма за мали грантови.

Преземање на Сунчица од Зоолошката градина

На почетокот двете птици ги истражуваа околните региони. Светислав одлета кон Увац во Србија каде има колонија на белоглави мршојадци а Сунчица пак полета кон Грција. Во ноември Сунчица беше повторна заловена откако преморена и прегладнета беше најдена кај езерото Вистонида. Активистите од Грција ја пренесоа во ветеринарен центар во Солун и откако закрепна таа беше ослободена во Дадија во декември. До средината на мај 2020 година Сунчица леташе над источните Родопи помеѓу Дадија и бугарските колонии, само еднаш накусо ја надлета Македонија. Откако го истражи Балканот, Сунчица во октомври 2020 година полеа кон исток – прво кон Црното Море, над Турција, преку Ирак сѐ до Иран. Ова патешествие на Сунчица, од октомври до денеска, изнесува повеќе од 5000 км!

Патешествието на Сунчица

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Затоа ние во Македонското еколошко друштво соработуваме со 8 организации од Балканот и пошироко со цел да го спречиме нивното труење или убивање, кои се најчестите закани. Обележувањето на мршојадците е дел од системот за рано предупредување кој со интензивно следење на птиците обезбедува навремена контрола против заканите за дивите животни како што се отрови и ловокрадство. Интензивното следење на птиците значи дека можеме брзо да реагираме и да спречиме масовни труење или убивања на терен. Пет од шесте региони на Балканот каде има мршојадци се веќе дел од овој систем на рано предупредување и нашата соработка постојано се засилува.  За оваа цел, во новиот проект Балкан Детокс LIFE со GPS уреди ќе бидат обележани 25 белоглави мршојадци од Балканот, и нивното движење континуирано ќе се следи.

Start typing and press Enter to search