На 22 септември се одржа регионалниот саем Шара-Кораб-Коритник во Кукс, Албанија каде беше прославен денот на Европскиот зелен појас. Саемот истовремено беше и завршен настан за преку-граничниот проект „Одржлива иднина за регионот Шара-Кораб-Коритник“ во кој што беа поддржани 13 модел проекти. Истите тие добија сертификати за успешно имплементирање на нивните активности кои што помогнаа за одржливиот развој во регионот.
Претставници на проектите беа присутни со промотивни материјали и продукти. Денот беше одбележан и накитен со весели танци на играорци, традиционални музички изведби и традиционална храна. Настанот беше организиран од ППНЕА и ЛАГ Кораб-Коритник во соработка со МЕД, Фондација ЦНВП од Косово и поддршка на Еуронатур од Германија.
Во Македонија беа спроведени 4 модел проекти со успешни резултати! Главните успеси се донирање на опрема на осум сточари и седум пчелари преку проектите на ЦЕД (Теарце) и Дива Перуника, отворање на нов информативен центар за Шар Планина во Тетово (Планинарски клуб Љуботен), и отворање на две ботанички градини во дворовите на училиштата „Мустафа Кемал Ататурк“ и „Гоце Делчев“ во Гостивар (Здружение ИГИ)
Уживајте во галеријата во продолжение.