Кафеавата мечка е трајно заштитен дивеч согласно Законот за ловството, и строго заштитен вид согласно Законот за заштита на природата. Единствено, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство може да дозволи лов на мечка како заштитен дивеч, доколку определена единка прави штети, но по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Меѓу другото, таа е ставена и на Националната црвената листа на цицачи како ранлив вид. Освен со националната, мечката е заштитена и со меѓународната легислатива (Анекс II и IV од Директивата за живеалишта, Прилог II од Бернската конвенција, Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора), конвенции ратификувани од македноскиот парламент, односно имаат сила на закон.

Бројната состојба на мечката во Македонија е сè уште непозната, а бројките со кои располагаме главно се засноваат на експертски процени и ловечки статистики од терен. Сепак, досега не е направено систематско пребројување на видот ниту на територијата на НП „Маврово“, ниту на ниво на цела држава. И покрај тоа, од видувањата на терен и бројните сведоштва на мештаните, нејзината популација веројатно е во пораст.

Но, и покрај заштитениот статус, таа е изложена на низа закани: криволов, загуба на живеалиштата и нивна фрагментација. Факторите кои влијаат на нејзиното однесување не се детално проучувани, но веројатно вклучуваат взаемна интеракција помеѓу користењето на нејзините живеалиштата, расположливоста на храна (недостаток на шумски плодови и диви овошки од една страна и зголемена достапност на отпад од друга), отсуството на активна заштита на сточниот фонд и пчелните семејства (аудио-визуелни средства, електрични огради, кучиња-чувари, присуство на говедари со стоката и слично). Во многу земји во Европа е препознаен проблемот дека диви депонии и ѓубришта близу населените места, особено во руралните средини, нудат лесно достапен извор на храна, кои мечките зачестено го искористуваат. Ова подразбира и дека тие со време се навикнуваат на овие места, и стануваат „похрабри“, односно, помалку претпазливи од присуство на луѓе. Сето ова дава основа за потенцијален конфликт со луѓето и создавање на т.н. „проблематични“ мечки.

За да се избегне ваква ситуација, потребно е подобро управување со отпадот, намалување на притисокот врз живеалиштата на мечката и конципирање превентивни мерки за нејзино одбивање. Мерките опфаќаат контејнери со заштитен механизам против мечки, електрични огради, звучни и светлосни ефекти, канти со инсталиран солзавец, гумени куршуми.

Во последно време се актуелизира проблемот, при што мерка која се споменува е отстрелот на единки. Со оглед на недостигот на тековни сознанија за бројноста на мечката, Македонското еколошко друштво не поддржува ваква радикална мерка. Во моментот е многу е важно да се носат одлуки засновани на научни сознанија кои ќе ја одразуваат фактичката состојба на терен, а не на мислења за тоа колку мечки треба да има на одреден простор. Ниту еден див вид не може да се намножи над „носечкиот капацитет“ на средината, диви животни ќе има онолку колку тоа го дозволуваат расположливоста на храна и достапноста на живеалиште, како и притисокот од луѓетоСпоред тоа, основа за какво било дејствување треба да биде пребројување (цензус) на мечката и утврдување на нејзината бројност во подрачјата каде се појавува видот. За жал, тоа е подолготраен процес, и за истиот треба навремено да се размислува. Со таа информација треба да конципира Акциски план кој ќе даде насоки за тоа како одржливо ќе се управува со видот, и тоа, не само на национално, туку и на прекугранично ниво. Управувањето во предвид ја зема благосостојбата на животното, но и безбедноста на луѓето – два аспекта кои се подеднакво важни! Во случај кога има инциденти со мечки, во дел од државите од регионот (како најблизок пример: Грција, Хрватска, Словенија), постои т.н. интервентен тим составен од стручни лица кои соодветно и навремено реагираат за да се избегнат несакани последици по животното и луѓето.

Имајќи го предвид горенаведеното, можеме да констатираме дека актуелната состојба произлегува од долгогодишниот недостиг на редовен мониторинг на видот и отсуство на  соодветни мерки за негово управување и управување со неговите живеалишта, како и идентификацијата на можните конфликти со луѓето, особено несоодветното управување со комуналниот отпад и планирањето на превентивни мерки. Во поширок контекст, спроведувањето на законите поврзани со заштитата на природата, како и меѓународно преземените обврски, не може да биде само по потреба и скоро исклучиво зависно од меѓународно финансирање.

По разгледувањето на реалната состојба со популацијата на мечките и евидентирање на вистинските штети од страна на стручни тимови, може да се премине кон разгледување на можноста за отстрел на мечки кои причинуваат штети според законските прописи. Ваквата крајна мерка мора да биде надгледувана од стручни лица.

 

 

Start typing and press Enter to search