6.12.2022 – Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи ПОПС при Министерството за животна средина и просторно планирање организираше завршен настан по повод завршување на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на активности за чистење на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и γ-HCH (линдан ) во ОХИС“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF), a имплементиран со UNIDO како имплементациона агенција.
На настанот се обрати министерот за животна средина Насер Нуредини за успешното завршување на чистењето на првиот лот на депонијата во ОХИС.
Сепак, задоволство ми е да потврдам и дека успеавме да ги исполниме сите планирани цели и задачи, безбедно да се ископаат, спакуваат и транспортираат околу 960 тони HCH отпад и 126 тони контаминирана земја која во моментот се транспортира надвор од државата. Обезбедивме и одржливост на активностите за понатамошното чистење на останатиот дел од малата депонија, со мобилизирање на средства и од други извори на финансирање, изјави на настанот министерот Нуредини.
МЕД во целиот процес на овој проект имаше улога да информира за сите фази пред и за време на чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС во соработка со канцеларијата ПОПС како имплементатор на проектот.
На настанот се обратија претставници на агенциите УНИДО и УНОПС, на Државниот инспекторат за животна средина на фирмата за ремедијација Polyeco како и Деконс Ема како консултанти за спроведување на стандарди за работа во вакви проекти.
Редовниот мониторинг на Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет направени за време на чистењето на линданот на контролни точки околу депониите, покажаа дека почвата и воздухот се мирни, односно чистењето на линданот нема предизвикано зголемено присуство на изомерите на HCH за време на активностите на терен.
Светлана Пејовиќ зборуваше за спроведената кампањата за подигање на свест која ја водеше МЕД во проектот која покажа дека населението околу Охис сака да биде редовно информирано и има зголемена свест за негативниот ефект на линданот врз здравјето на луѓето. Во рамки на настанот беше презентиран и документарен филм за чистењето на ОХИС, сниман во текот на 2021-2022 година кој МЕД го изработи во рамките на овој проект, а истиот ќе биде наскоро презентиран и пред пошироката јавност.