Најинтересни факти:

  • Европскиот совет за попис на птици (EBCC) го објави вториот Европски атлас на птици гнездилки, кој е значајно достигнување за биолошката разновидност во Европа
  • Значајната соработка меѓу EBCC и партнерските организации овозможи да се соберат податоци за птици од преку 11 милиони km2 , на систематски и стандардизиран начин.
  • Со преку 120,000 волонтери истражувачи во Европа, EBBA2 е едно од најголемите проекти за истражување на биолошката разновидност со помош на граѓанството досега.
  • Книгата се промовираше на 3ти декември 2020 година преку пренос во живо тука.

Неколку избрани резултати:

  • Скоро 600 видови птици гнездат во Европа; 539 од нив се среќаваат таму природно (нативни видови), и 57 се интродуцирани од други делови на светот. Повеќето од овие видови не се широко распространети низ Европа, туку се среќаваат на изолирани, мали делови од Европа.

    Шумска патка, интродуциран вид во Европа

  • 35% од сите нативни видови птици го зголемиле ареалот на гнездење во последните 30 години, 25% од нив бележат намалување а останатите не покажаа никаква промена или трендот на промена е непознат.
  • Птиците кои се среќаваат во шуми и оние кои се заштитени со меѓународни конвенции и легислативи бележат зголемување на гнездечките територии. Птиците од земјоделските површини имаат драстичното намалување на гнездечките територии.
  • Главните причини за промените во распространувањето на птиците гнездилки низ Европа се пренаменета на земјиштето и климатските промени.

 

Потребата од подобри информации за распространувањето и бројноста на птиците во Европа се покажа како неопходна пред точно една декада, кога EBCC одлучи да го отпочне проектот за изработка на вториот Европски атлас на птици гнездилки. Овој атлас го надополнува претходниот, наречен EBCC Атлас на Европските птици гнездилки, објавен во 1997 година на основа на податоци од 1980тите. Вториот Атлас ги комбинира високите научни стандарди со граѓанско учество за да собере податоци за распространување и бројност на сите птици во Европа, како и да документира промени од првиот атлас.

Распространување на бела тресиопашка

Бела тресиопашка

За време на сезоната за теренски истражувања за вториот Атлас (2013 – 2017 година) забележани беа 539 видови птици кои природно се среќаваат во Европа, од кои 59 се главно концентрирани во Европа (скоро-ендемити) и 40 видови кои се среќаваат исклучиво во Европа (ендемити). Само мал број видови птици се толку широко распространети како белата тресиопашка (Motacilla alba) или обичната кукавица (Cuculus canorus), кои бе забележани во повеќе од 85% од сите 50-km квадранти истражени во вториот Атлас. Повеќе од 50% од видовите птици се среќаваат во помалку од 10% од сите истражени квадранти, така што секоја земја и секој регион имаат специфична одговорност кон ова заедничко богатство.

Податоците од вториот Атлас покажуваат дека вкупно 57 видови птици кои не се среќаваат природно во Европа, имаат гнездечки популации овде. Тоа значи дека вкупно еден од секој 10ти гнездечки вид птица во Европа е интродуцирана од друг регион. Од овие интродуцирани видови 39 беа забележани за првпат во последните три декади.

Распространување на градинарска стрнарка

Распространување на градинарска стрнарка

Но и покрај нагласените промени во европските предели и клима, многу малку нативни видови птици исчезнале целосно, на пр. борбената кокошка (Turnix sylvaticus), а истото важи и за нативниот колонијален вид малата пиштарка (Apus affinis). Сепак, забележани се промени во европската орнитофауна во последните 30 години. Според анализите во вториот Атлас, 35% од сите нативни видови птици ја зголемиле својата гнездечка територија, меѓу нив се чапјата говедарка (Bubulcus ibis), жолтоглавата тресиопашка (Motacilla citreola) или медитеранскиот галеб (Larus melanocephalus). Спротивно на ова, 25% од видовите птици покажуваат намалување на нивната гнездечка територија, како на пр. бојникот (Calidris pugnax), големата дропља (Otis tarda), модровраната (Coracias garrulus) или градинарската стрнарка (Emberiza hortulana). Дополнително, целокупните гнездечки територии на птиците во Европа се преместиле кон север за 28 km во просек (околу 1 km годишно).

Сержи Херандо, од координативното тело на вториот Атлас при Каталонскиот Институт за Орнитологија вели: “Региони во северниот дел од континентот забележаа добивка на видови птици, додека јужните региони бележат загуба на видови. Загубите најдобро се забележуваат кај птиците од земјоделски површини и пасишта, особено во Медитеранот, како и во западна и централна Европа. Се чини дека пренамената на земјиштето и климатските промени се главните причини за овие промени, и истите треба да се истражуваат понатаму.”

Овој заклучок е подржан од постојните информации за драстичниот пад на популациите на многу птици од земјоделски површини како резултат на интензивните земјоделски пракси. Како што многу видови го пренасочуваат својот опсег на распространување кон север, паралелно бележиме зголемување на разновидноста на видови на птици во шумите, најверојатно како резултат на напуштање на земјиштето и сукцесија на шумска вегетација (зашумување). Покрај ова, многу други аспекти се вклучени во книгата. На пример, птиците кои се специјализирани за живот на високопланинските пасишта, блата и трестишта, како и во тундрите сведочат значајни загуби на овие територии.

Белоопашест орел

Петр Воришек, од коориднативното тело на вториот Атлас при Чешкото орнитолошко друштво објаснува дека поставување на еколошки политики и пракси може да помогне: “Многу видови кои се од европско значење за зачувување претрпеа загуби во нивното распространување, но исто така има позитивни приказни кои укажуваат дека праксите за зачувување на природата функционираат. Многу видови кои се заштитени со меѓународна легислатива како белоопашестиот орел (Haliaeetus albicilla), бележат зголемување на нивното распространување во Европа. Истото е видливо и со зголемување на гнездечките територии на многу птици од влажни станишта кои се дел од заштитени подрачја (ова важи за големиот воден бик, (Botaurus stellaris), или за сабјарката (Recurvirostra avocetta)).”

Вториот Атлас претставува нова основа за европската орнитофауна, со невиден географски опсег – од Азорите до Уралските Планини. Атласот е најголемиот проект базиран на граѓанство кој е фокусиран на мапирање на биолошката разновидност. Вкупно, околу 120,000 истражувачи на терен придонесоа со податоци, повеќето од нив работејќи како волонтери. Верена Келер од Швајцарскиот Институт за Орнитологија, член на одборот на EBCC, проектен менаџер на вториот Атлас и прв автор на книгата коментира: “Вториот Атлас ја виде светлината на денот единствено поради големата мрежа на индивидуалци и организации кои соработуваат со EBCC од сите делови на Европа, заеднички посветени на една цел, соработувајќи низ сите граници и препреки.”

Резултатите од вториот Атлас се објавени во сеопфатна книга во партнерство со Lynx Edicions. Интерактивна, онлајн верзија од мапите од вториот Атлас ќе бидат објавени подоцна наредната година. Марк Итон, претседавач на EBCC, гледајќи во иднината забележува: “Оваа неверојатна нова книга, и базата на податоци која е во нејзниата основа, ќе овозможи безбројни истражувања и ќе подржи зачувување на птици и биолошка разновидност низ Европа во декадите кои доаѓаат.”

Воден трскар

Распространување на воден трскар

Иван Рамирез, постар раководител на одделот за зачувување во BirdLife Европа и Централна Азија, забележува: “Овој Атлас е клучна публикација која ќе ја насочува идната работа за зачувување на птиците и приодата во нашиот регион. Ќе им помага на оние кои практикуваат зачувување на природа подобро да ги разбереат промените во распространувањето на сите видови птици низ годините и дава насоки каде во регионот треба да се спроведуваат активности за зачувување на птици и реставрирање на живеалишта.

Проектот немаше да успее без трудот на посветените истражувачи на терен, националните координатори, експертите кои придонецоа за анализа и презентација на податоците, донаторите и други подржувачи.

EBBA2 во кратки црти

  • 596 видови птици гнездилки
  • 10 години работа
  • 120,000 истражувачи на терен
  • 48 национални партнери
  • 5 години теренски истражувања
  • 5,110 квадранти од 50-km со информации за птици гнездилки
  • 11,075,000 km2 покриени

За книгата

  • 556 видови птици со комплетни информации
  • 69 видови птици објаснети во додатоците
  • 689 50-km мапи кои покажуваат бројност или докази за гнездење
  • 222 10-km моделирани мапи
  • 446 мапи кои покажуват промени во опсегот на распространување во споредба со претходниот атлас
  • 568 нови илустрации за видовите птици од 46 уметници
  • 348 автори на текстови за видовите птици
  • 960 страници

За повеќе информации околу оваа книга можете да ја контактирате Данка Узунова – uzunova@mes.org.mk

 

Start typing and press Enter to search