29.09.2022 –  Претставниците на 14 модел проекти од Косово, Албанија и Македонија поддржани од проектот „Одржлива иднина за регионот Шара-Кораб-Коритник“ во септември се претставија на регионалниот саем што Македонско еколошко друштво го организираше на Попова Шапка во соработка со фондацијата „Еуронатур“ од Германија како и партнерите во проектот ППНЕА од Албанија и ЦНВП од Косово.

Саемот имаше за цел да го претстави најдоброто од регионот а тоа е природата во заштитените подрачја, традиционалната храна, музиката и културата. На штандовите учесниците ги презентираа своите локални производи и промоматеријали подготвени во рамки на своите проекти.

Работејќи повеќе од една декада во регионот ние учиме дека на природата не можеме да и помогнеме без соработката со локалното население а овој проект посебно не учи дека поддржувајќи ги традиционалните практики како пчеларството и сточарството ние индиректно го зачувуваме и биодиверзитетот, изјави Пандурска -Драмиќанин, раководител на проектот во МЕД.

Во реализација на проектите од Македонија се вклучени организациите „Дива Перуника“, Планинарскиот клуб „Љуботен“, „Центарот за едукација и развој“ и „Иницијатива за граѓански интеграции“. Во рамки на овие проекти се дава поддршка на пчелари, сточари, се развиваат туристички понуди и инфраструктура а се едуцираат и млади од регионот за култивирање на ароматични и лековити видови.

Во рамки на саемот настапија и културно уметнички друштва од регионот и изведувачи на традиционални песни и ора. Активностите на проектот „Одржлива иднина за регионот Шара-Кораб-Коритник се поддржани од Германската фондација за животна средина ДБУ и добротворната фоднација ЈЕНСЕН.

 

Start typing and press Enter to search