30.09.2022 – Над 30 претставници од невладиниот сектор, меѓународни организации и донатори се сретнаа на 28 септември на Попова Шапка да разговараат за потенцијалите за соработка во регионот Шара-Кораб -Коритник. Целта на тркалезната маса беше да се разменат информации за тековните проекти во регионот и да се иницираат синергии со цел подобрување на регионалниот одржлив развој во овој планински регион.

МЕД преку свои истражувања и проекти во овој регион е присутно повеќе од две декади, имаме надеж дека во иднина овој регион ќе се развива уште повеќе особено по прогласувањето на Шар Планина за национален парк, рече во своето обраќање Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД.

Според директорот на националниот парк Ибрахим Дехари, паркот како најмлада институција има пред себе доста предизвици.

Ваквите средби се особено значајни за меѓусебна размена на искуства и поддршка. Иако паркот има многу предизвици, сметаме дека за рурален развој и заштита на природа потребна е широка соработка од сите вклучени, пред сè ни претстои голема работа според Планот за управување на НП „Шар Планина“, изјави Дехари поздравувајќи ги присутните.

Сандра Вигер од Еуронатур ги претстави модел проектите поддржани во проектот „Одржлива иднина за регионот Шара-Кораб -Коритник кои се поделени на четири теми туризам, сточарство, пчеларство и култивирање како и  напорите на проектот за прекугранична соработка и размена во трите земји на споменатите теми.

Дискусиите покажаа дека средбите од ваков тип потребно е да се организираат почесто. Тековните проблеми кои го тангираат локалното население како миграцијата на младите, недостатокот на работна сила во сточарството и сличните предизвици беа дел од дискусиите. Покрај донаторите на оваа средба учествуваа и претставниците на локалните акциони групи во трите земји како еден од главните двигатели за прекугранична соработка. Во рамки на средбата илустраторот Здравко Гиров се обиде да пренесе и визуелно претстави дел од проблемите и предизвиците присутни во регионот.

Start typing and press Enter to search