Вкупно пет учесници од различни и релевантни владини институции и организации од земјава учествуваа на третата обука организирана од Академијата за криминал против дивиот свет, која се одржа минатата недела во Малага (Шпанија). Учесниците од Македонија се обучуваа заедно со уште 39 учесници од девет европски земји и се здобија со квалификации во оваа високо напредна и специјализирана област. Обуката има за цел да им помогне на претставниците на релевантните институции при гонењето и осудувањето на криминалците кои му штетат на дивиот свет, да служи како пречка за потенцијалните престапници и на крајот да ги минимизира злосторствата против дивиот свет, а со тоа да се спаси животот на загрозените видови.
Обуката беше организирана од „Фондацијата за заштита на мршојадците“ и “Junta de Andalucía” како дел од проектите “BalkanDetox LIFE” и “LIFE with Vultures” финансирани од ЕУ, серијата од три интензивни обуки на Академијата за криминал со дивиот свет не само што ги пополни празнините во знаењето, туку и ги трансформираше ставовите во однос на криминалот со дивиот свет, издигнувајќи го како тешко кривично дело меѓу надлежните органи.
Прилагодена за професионалци од различни академски дисциплини кои работат во областа на заштитата, спроведување на законот и форензичката наука, обуката им помогна на учесниците да се здобијат со потребните вештини за да можат да водат истраги, да управуваат со тимови и да ja подигнат мотивациjата на релевантните засегнати страни. Следејќи ги меѓународно признатите процедури од „Junta de Andalucía” и програма дизајнирана од специјалисти со над 15 години искуство, вклучувајќи ги и придонесите од Европол, курсевите на Академијата за криминал против дивиот свет се во првите редови на најсовремените знаења и практики.
„Со комбинирање на истрага на местото на злосторството (CSI), форензичка наука и судски процеси, постигнавме намалување за 80% на нелегалните инциденти со труење на дивиот свет во Андалузија во период од 15 години. Со правилни процедури, упорност и соработка, уверени сме дека нашите учесници можат да постигнат слични резултати и во нивните земји”, изјави Ињиго Фахардо, раководител на Одделот за заштитени видови во Хунта де Андалусија и професор на Академијата за криминал против дивиот свет.
За време на третата обука учесниците ги усовршија своите вештини во профилирање на осомничените и разбирање на криминалното однесување преку практични вежби за криминални потписи и поврзување на случаи. Теоријата опфати теми како форензичка психологија, анализа на криминал и криминално профилирање. Учесниците се едуцираа за докази за однесување на криминалците и за начинот на кој разузнавачките служби можат да спречат криминал и да помогнат во истрагите, особено кога се работи за организиран криминал и меѓународни мрежи вклучени во труење на дивиот свет и нелегална трговија.
„Нашата земја се соочува со еколошки криминал за кој, за жал, нема ефективна истрага и соодветна надлежност. Оваа академија ни обезбеди низа алатки со кои ќе ги зајакнеме нашите национални капацитети во однос на ова прашање. Сепак, ова е само почеток и потребни се колективни напори и решителност за да се искорени криминалот со дивиот свет во Северна Македонија“, изјави Арта Старова, проектен асистент во Македонско еколошко друштво и учесник на Академијата за криминал против дивиот свет.
За време на првата и втората обука учесниците беа едуцирани како да спроведуваат систематски прегледи и да собираат и да обезбедат докази. Дополнително, беше опфатено користење на кучешки единици и идентификација на измама преку говор на телото.
Исто така форензиката беше вклучена како клучен дел од истрагата и се анализираа докази за да се развијат објективни наоди преку кои ќе може да се откријат причините за смртта на видовите, па дури и да помогнат во гонењето на сторителите. WCA истражуваше во клучните области, вклучително и форензичка ентомологија, неконвенционално земање примероци и толкување на резултатите од токсикологијата.
„Европа доби 44 нови експерти од девет земји, за истражување и анализа на криминалот во дивиот свет. Импресионирани сме од нивната непоколеблива посветеност во борбата против криминалот со дивиот свет и веруваме дека нивната експертиза ќе направи вистинска разлика во спречувањето на нелегалната смртност и во поддршката на напорите за зачувување на загрозените видови. Нашите учесници на Академијата за криминал во дивиот свет веќе ја добија првата пресуда за нелегално труење на диви видови во Кипар“, изјави Јован Андевски, менаџер на програми во Фондацијата за заштита на мршојадците и координатор на Академијата за криминал против дивиот свет.
Според податоците на МЕД, во последните 20 години во Македонија, отруени се најмалку 80 единки од 5 различни видови, при што најзасегнат е белоглавиот мршојадец (>70 птици), а другите видови кои се многу подложни на оваа закана се египетскиот мршојадец (кања), царскиот орел и златниот орел. Користењето на отрови во минатото веќе доведе до исчезнување на два вида (брадестиот и црниот мршојадец), а сега пред таква закана се и белоглавиот и египетскиот мршојадец.