Ви ги претставуваме одобрените проекти во категоријата на мали грантови при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2022ра година. Се надеваме дека проектите во оваа категорија ќе бидат поттик за младите истражувачи да останат во полето на екологијата и да придонесат кон научната работа во Македонија.
1. ПРОЦЕНКА НА СОСТОЈБАТА НА ПОПУЛАЦИИТЕ НА МОДРА БОРОВИНКА (Vaccinium myrtillus и Vaccinium uliginosum) И НИВНИОТ РЕСУРСЕН И ЕКОНОМСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ НА ПЛАНИНАТА КОЖУФ
Раководител: Филип Тодоров
Финален извештај: Боровинката претставува диворастечко растение кое се собира традиционално од многу планини во Македонија. Последните податоци покажуваат дека собирањето се изведува неправилно и прекумерно, што би се одразило негативно на популациите.
Методологијата која беше користена:
- Анкетно истражување за собирачите и откупувачите;
- Направени теренски истражувања со метод на линиски трансект;
- Направена теренска проценка на ресурсниот потенцијал со ГИС определување на површини;
- Утврден е квалитетот на свежи плодови од боровинка со фитохемиски анализи.
За теренска проценка на ресурсниот потенцијал беа направени 30 линиски трансекти на н.м.в. 1600-2100m и собран е растителен материјал. Просечна маса на свеж плод е 0,22 g.
Анкета: Количините кои што се берат достигаат и до 60 кг/ден по човек. Откупната цена на нечистена боровинка за оваа година изнесува 130мкд, а 250-400мкд за чистена боровинка.
ГИС анализа: ресурсниот потенцијал на плодови од боровинка на Кожуф е 886,4 t (30,7 g/m2), додека за листови е 5186,69 t (48,3 g/m2).
Содржината на антоцијани во плодовите е 0,52% што одговара на барањата за квалитет (min 0.3% – Ph. Eur. 10.8).
Придонесот на ова истражување кон зачувување и заштитa е проценка на ресурсниот потенцијал на Кожуф преку кој се определија количините за одржливо искористување на плодови и листови од модра боровинка на 709.12 t, односно 1556 t. Дополнително, со презентации, на национално ниво и на локалното население, ќе придонесеме до зачувување, заштита и одржливо берење на модра боровинка на планината Кожуф.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.
2. РАЗОТКРИВАЊЕ НА ДИВОРАСТЕЧКИ КАНАБИС НА ТЕРИТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
Раководител: Јована Ѓорѓиевска
Финален извештај:
Диворастечки канабис е забележан на многу места во Македонија, но не се знае дали е автохтон, и не е морфолошки, фитохемиски и молекуларно истражуван и не е комерцијално валоризиран. Во текот на истражувањето во 2022 год реализирани се теренските активности и во 3 региони се пронајдени и идентификувани примероци на диворастечки канабис (Пелагониски регион, Струмица/Гевгелија и Кочани/Пробиштип/Штип) . Направена е фото-документација, собран е растителен материјал, хербаризирани се примероци, направена е морфолошка и фитохемиска карактеризација. Морфолошката карактеризација укажува на тоа дека сите собрани примероци најверојатно припаѓаат на истиот фенотип. Добиените резултати од фитохемиската карактеризација за вкупната содржина на CBD која варира од 0,41 – 1,83% m/m, додека вкупната содржина на THC варира од 0,02-0,12%.
Научниот интерес за канабисот (Cannabis sativa L.) експоненцијално расте поради откривањето на полезни фитохемиски компоненти, како и нивната терапевтска вредност. Освен за индустриска употреба поради неговите механичи влакна, од голема важност е содржината на биокативни молекуи – канабиноиди. Кај индустриските сорти, нивната содржина е многу ниска (ТХЦ 0,2%, CBD 1-5%), за разлика од оние кои што се користат за медицински цели. Конопот порано бил култивиран како важно индустриско растение, но денес може да се сретне и како самоникнато растение на многу места во Македонија, и не се знае дали е автохтон, не е морфолошки, фитохемиски и молекулано истражуван и не е комерцијално валоризиран.
Струмица, Гевгелија, Кочани, Пробиштип, Штип и Пелагониja се регионите каде што сe пронајдени примероци на диворастечки канабис. Најдените примероци се фото-документирани и хербаризирани. Морфолошката анализа покажа дека главна видлива карактеристика им е висината (2,5 – 3,5 m) според која многу повеќе наликуваат на индустриски коноп, отколку на култивирани комерцијални видови што имаат помала височина, разгранетост и бујност на листовите. Морфолошката карактеризација укажува на тоа дека сите собрани примероци најверојатно припаѓаат на истиот фенотип. Заедно со фитохемиска карактеризација (определена e содржина на најзначајни канабиноиди 0.02-0.12% THC, 0.41-1.83 %CBD) наведува дека сите припаѓаат на фенотип/гено/хемотип.
Добиени се податоци за постоењето на диворастечкиот канабис, за неговата хорологија на територијата на Македонија, анализи на неговите морфолошки специфичности, фитохемски профил и неговата употребна вредност. Со објавување на овие резултати ќе се документира постоењето на диворастечкиот канабис на територијата на Македонија.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.
3. Диверзитет, таксономија и дистрибуција на родот Dryopteris Adans. на планината Кожуф – 37 години по флората на Мицевски
Раководител: Ана Варелова
Финален извештај: Поради високата стапка на хибридизација идентификацијата на видови од родот Dryopteris често претставува предизвик за ботаничарите. Засега, за флората на Северна Македонија се наведуваат 10 видови од родот додека за планината Кожуф е наведен само видот D. dilatata (Micevski, 1985., Melovski, 2016). Планината не била дел од дводецениските истражувања на Меловски (2016);оттука неоходни се дополнителни истражувања за да се потврди присуството на неколку хибриди за кои има индикации дека може да се најдат во нашата флора.
Целта на ова истражување е да се осознае:
- Какво е распространувањето на родот Dryopterisи, колкава е абудантноста на видовите на Кожуф?
- Каква е стабилноста на популацијата на реткиот вид Dryopteris dilatataи и кои се заканите и притисоците во неговите живеалишта?
- Во Северна Македонија постојат хибриди од родот чие присуство сѐ уште не е потврдено.
Видовите се идентификувани со анализа на морфолошки карактеристики и спори со користење на светлосна микроскопија. Флористичкиот состав е определен по Braun-Blanquet, додека за утврдување на состојбата на популациите на видовите користени се мониторинг протоколи.
Најзначајните резултати се:
- Идентификувани 26 примероци од родот Dryopteris од 27 локалитети, класифицирани во 4 вида;
- Проценета состојбата на популациите и живеалиштата на видовите;
- Идентификуван флористичкиот состав на сите 27 локалитети со досега околу 700 видови, од кои околу 130 се видови со наоѓалишта на 1-2 локалитети во Северна Македонија;
- Нов податок за наоѓалиште на Dryopteris dilatata;
- Регистрирани 2 нови вида од родот, за флората на Кожуф;
- Проценета е состојбата на популациите на 4 вида.
Овој труд дава придонес кон дводецениски напори да се надополнат познавањата за распространетоста и видовото разнообразие на видовите од родот Dryopteris. Како резултат од истражувањето регистрирани се два нови вида од родот Dryopteris на Кожуф, идентификуван е флористичкиот состав и за прв пат проценета е состојбата на популациите и живеалиштата на видовите од родот Dryopteris.
Дополнително, изработена е база на податоци која може при идни истражувања да се надополнува и/или ревидира. Со веќе три ретки видови Dryopteris во флората на Кожуф, а 130 ретки видови за нашата територија, се наметнува потребата за воспоставување на мониторинг. Со јавните настани организирани од овој проект, граѓаните на Гевгелија и Кавадарци се запознаени со користење на мониторинг протокол и на нивниот удел во граѓанска наука.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.
4. Влажни ливади во Преспа – природен филтер од загадување на Преспанско Езеро од вештачки ѓубрива
Раководител: Драгана Пеликудовска
Финален извештај: Влажните ливади се специфични екосистеми земајќи предвид дека процесите во нив се одликуваат со интензивни трансформации на елементите заради специфичната хигрофитна вегетација, почвени карактеристики и хидролошки режим (Reddy & DeLaune, 2008). Влажните ливади по крајбрежјето на Преспанското Езеро, а дел од нив во границите на заштитеното подрачје ПП „Езерани“, се под голем антропоген притисок. Нивните површини се драстично намалени како резултат на нивна пренамена во јаболкови насади (Македонско еколошко друштво, 2021).
Почвата во влажните ливади има способност за задржување на материи кои се внесуваат со користење на вештачки ѓубрива во земјоделското производство, а предизвикуваат еутрофикација на Преспанското Езеро.
- Каков е хемискиот состав на почвата во влажните ливади?
- Колкаво е загадувањето со вештачки ѓубрива?
- Која е улогата на почвата во задржување на вештачките ѓубрива?
Методологија која беше користена: спроведување на анкетa лице в лице; конструкција на пластични лизиметри; просејување на почвен материјал; мерење на активна pH; потенцијална киселост; суво согорување; достапен фосфор и калиум; вкупниот органски азот; органскиот јаглерод и минералните материи и тешки метали.
Преспанските земјоделци во просек аплицираат по 700 kg/ha ѓубриво. Следствено, аплициравме 10g NPK ѓубриво со состав 8:16:24 во 12 експериментални лизиметри. pH реакцијата во неѓубрени и ѓубрените лизиметри од експериментот, бешe со просечната вредност од 6,3 односно 5,9; ѓубрените почви бележат закиселување и дополнително зголемување на азот (N), фосфор (P2P5) и калиум (K2O). Констатирани се очекуваните разлики во содржината на тешки метали и хранливи материи помеѓу ѓубрените и неѓубрените лизиметри.
Покрај податоците за количината на ѓубрива кои ги добивме од анализата на анкетата, се увиде дека и денес состојбата со употребата на вештачки ѓубрива не е подобрена во споредба со податоци добиени од претходни истражувања (Студија за Езерани, 2009). Според добиените резултати веруваме дека влажните ливади учествуваат во намалување на загадувањето од апликацијата на вештачките ѓубрива.
Истражувањето беше спроведено во влажна ливада во заштитеното подрачје Парк на Природата “Езерани”. Резултатите даваат научна основа за влијанието на вештачките ѓубрива врз овие екосистеми и ќе бидат споделени со управувачот на „Езерани“ (Општина Ресен); се надеваме дека ќе бидат основа за идни мерки за управување.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.
5. Застапеност на микроорганизми во глацијални езера од националниот парк Пелистер: Одговор кон условите на животната средина (MICRO ECO ICE)
Раководител: Никола Радмановиќ
Финален извештај: Рекреативната употреба на Пелистерските очи е општопозната појава (Dimitrov и сор., 2016), но тековно не постојат податоци за ефектите на истата врз присутната микрофлора. Неопходни се темелни истражувања за да може соодветно да се валоризираат овие биогеографски елементи. Преку испитување на микробните заедници на овие езера може да се увидат ефектите на антропогена активност.
Целта на овој проект беше да се определи присуството и бројноста на хетеротрофната микрофлора во двете Пелистерските очи од валоризациски (Yao и сор., 2016) и контаминолошки аспект (Khattab, 2012), односно дали:
- Постојат разлики во микрофлората на различните езера (Altinoluk-Mimiroglu и Camur-Elipek, 2018; Liao и сор., 2019)
- Постои сезонална варијација од рано до доцна лето на испитаните физичко-хемиски и микробиолошки параметри (Reed и Hicks, 2011).
Методологија: инстурментални методи за определба на физичко-хемиски параметри; култивациски техники за испитување присутна хетеротрофна микрофлора, базирани на селективни и диференцијални медиуми; енумерациски техники со децимални разредувања за определување бројност на испитаните групи бактерии, со употреба на pour-plate и spread-plate техники на засејување; определување разлики со релативна промена и релативна разлика на параметри.
Испитувањата укажаа на суштински разлики во микрофлората на Големо и Мало Езеро. Само во примероците вода од Мало Езеро беше констатирано присуство на Pseudomonas spp., микромицетни габи и Bacillus spp. Дополнително, Мало Езеро покажа значително поголема бројност (над 80% разлика) на актинобактерии, колиформни бактерии и мезофилни хетеротрофни бактерии. Микробните заедници кои поминуваат низ интензивен пораст (над 100% релативен пораст) од Јули до Август на ниво на Големо Езеро се актинобактерии, сулфур-оксидирачки бактерии и психрофили. Спротивно од очекувањата, колиформни бактерии и мезофили покажаа помала бројност на поголема температура и зголемена антропогена активност (општопознато рекреативно капење во летната сезона) на ниво на Големо Езеро.
Микробната екологија на овие биотопи е фасцинантно поле за научен напредок. Отсуството на вакви податоци за нашите сопствени глацијални езера претставува несообразност која тековно е во фаза на корегирање. За прв пат е опишана хетеротрофната микрофлора на овие локалитети и сезонските варијации присутни во рамките на Големо Езеро.
Иднината на ледничките езера e загрозена во контекст на глобалните треднови на климатските промени (Peter и Sommaruga, 2016). Овие вонфазни сезонални осцилации можат да доведат до непроценливи загуби (Margesin и Collins, 2019; Liu и сор., 2019). Потребни се шеми на мониторинг. Резулатите на проектот можат да послужат како референца за идни конзервациски студии.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.
6. Микроорганизми како индикатори за контаминација на минерални води од термални извори на Р.С.Македонија
Раководител: Огнен Бошковски
Финален извештај: Геотермалните и минералните извори се домаќини на високоспецијализирани животни форми и заслужуваат поголем научен и конзервациски интерес (Gorgieva et Popovski, 2007). Нивната долготрајна експлоатација довела до појава на антропогени микробни контаминанти (Edberg et al., 1997) и ерозија на нативната микрофлора (Valverde et al., 2012). Правилното управување со овие системи зависи од нивната соодветна валоризација.
Целта на истражувањето:
- Главна хипотеза: Природните геотермални-минерални извори на различните локалитети имаат различна хетеротрофна и олиготрофна микрофлора.
- Подхипотеза: Разликите во бројноста на присутната хетеротрофна и олиготрофна микрофлора зависат од антропогена активност.
- Подхипотеза: Разликите во бројност на присутната хетеротрофна и олиготрофна микрофлора зависат од разликите во физичко-хемиските карактеристики на водите.
Методологија: Физичко-хемиски параметри вклучувајќи температура, апсорбанца (610nm), Ph, спроводливост кои беа анализирани со интрументални методи; Контаминантите беа анализирани со стандардни ISO-методи (EN-ISO9308/1, 7899/2, 6222, 21527/1, 1626 и 6461/1); Еколошки значајните бактерии беа анализирани со селективни и диференцијални медиуми и техники. (Manaia et al., 1990), подлоги (Panda et al., 2013; Al-Garni et al., 2014; El-Karkouri et al., 2019; Senthilkumar et al., 2021); Статичка обработка на податоците со ANOVA и изведување на микробиолошки индекси.
По целосно спроведување на анализите, констатирано беше дека нема преголема контаминација на изворите со исклучок на топлиот извор во Негорци каде беше детектирано присуство на колиформи и Pseudomonas. Од еколошко значајните групи на бактерии во сите извори беше детектирано присуство на актинобактери, сулфуро-оксидирачки бактерии како и факултативни олиготрофи. Како најважни податоци кои што може да ги издвоиме од спроведените анализи е микробиолошкиот индекс FO/H[1] кој се користи како индикатор на трофичките нивоа во водните тела. Водите од Дебар покажаа најнизок индекс (0,33), а највисок во изворот во Проевце (40), што укажува дека Проевце е релативно најчистиот извор според микробиолошките анализи. Однос помеѓу број на факултативни олиготрофи и хетеротрофи, укажува на поголема или помала способност на самопречистување (автопурификација) на водениот екосистем.
Резултатите од овој проект се први од ваков тип. Беше воочена статистичка зависност помеѓу кондуктивитетот, температурата, бројноста на Актинобактерии, Сулфур-оксидирачките бактерии и вкупната присутна микрофлора и FO/H(p<0.01). Исклучок беше забележан помеѓу кондуктивитетот и FO/H со незначајна зависност (p=0,97). Овие пионерни резултати можат да потикнат и да помогнат во понатамошни истражувања.
Само преку темелно истражување на микробниот биодиверзитет на природните богатства може да се воочи точниот состав на присутните микробни заедници, кои понатаму може да послужат како основа за покренување на дополнителни конзервациски напори за заштита на овие природни ресурси.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.
7. Конзервација на ендемични растителни видови од локалитетот Алшар
Раководител: Лина Гегоска
Финален извештај: Мајдан (Алшар) е геолошки уникатен регион во јужна Северна Македонија со ендемична и реликтна флора условени од варовничката подлога богата со антимон и арсен. Локално-ендемичните темјанушки Viola arsenica и Viola allschariensis се под потенцијална закана од рударски активности кои наметнуваат потреба од мерки за нивна заштита.
Целта на истражувањето е да се осознае:
- Каква е состојбата со популациите со алшарските темјанушки?
- Дали има и кои се заканите на хабитатот?
- Какви мерки може да се преземат, во наредниот период, за подигнување на конзервацискиот статус на повисоко ниво?
- Дали населението е доволно запознаено со флористичките вредности на локалитетот?
Методологија: мапирање на ареалот на распространување на видовите од интерес; поставени мониторинг површини (Braun-Blanquet, 1964); оценети видови по IUCN методологија; Ex-situ заштита.
Избројани се околу 250 единки од V. arsenica и 33.600 од V. allchariensis. Одредена е абундантноста која за V. allchariensis изнесува 1.2 (на површина од 20.821,71м² со 25.000 единки), а за V. arsenica изнесува 2,2 (на површина од 100м² со 220 единки). Воспоставени се 3 мониторинг површини. Уредено е систематско поле во Ботаничка Градина – ПМФ во делот за аклиматизација на ендемични растенија и колекциониран е семенски материјал. Утврдени се антропогените влијанија и закани на локалитетот. Според IUCN методологијата, V. allchariensis е оценета како загрозен вид (според критериум Б), а V. arsenica е оценета како критично загрозен вид (според критериум Б).
Научниот придонес на проектот е дека за прв пат е определена големината на популацијата според IUCN методологијата и абудантноста на видовите од интерес; собраните податоци се искористени за проценка на алшарските темјанушки за Националната црвена листа од страна на експертите; видовите се оценети според IUCN методологијата и поставени се мониторинг површини за иден мониторинг.
Придонес кон зачувување и заштита е постигнат преку успешно извршена ex-situ заштита, пренесени се единки од двата засегнати вида во посебно систематско поле во Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет – Скопје. Дополнително, колекциониран е семенски материјал, утврдени се закани на живеалиштето, поставени се мониторинг површини за следење на популациите и идна in-situ заштита, а споделени се и резултати со претставници на советот на општина Кавадарци.
Целосниот извештај од ова истражување можете да го најдете тука.