Во текот на 2023 година беа реализирани десет истражувања како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“. Во продолжение ви ги претставуваме кратките резимеа на истражувањата.
СТЕПЕН НА ЕКСТИНКЦИЈА И ХАБИТАТ СПЕЦИФИЧНА ДИСТРИБУЦИЈА НА ЕНДЕМИЧНИ И РЕЛИКТНИ ДИЈАТОМЕИ ОД ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
Ана Бошалеска
Охридското Езеро е реликтен екосистем и редок пример за езеро кое континуирано опстојувало повеќе од милион години, овозможувајќи во него да се развие уникатен диверзитет на дијатомеи. Но, во рамки на долгиот период на опстојување дијатомеите биле под бројни климатски, онтогенетски и антропогени влијанија и непознато е дали и во колкав степен ваквите промени предизвикале екстинкција на ендемичните и реликтните дијатомеи во езерото. Според тоа, неопходно е да се спроведат компаративни истражувања помеѓу фосилната и рецентната флора на езерото како и определување на нивната хабитатната специфичност, со цел определување на можни сценарија за дополнителни исчезнувања на уникатните видови во иднина.
Анализирани се трајни препарати од седиментите на два кора од Охридско Езеро со старост над 1 Ма и од рецентната флора на езерото, со особен осврт на различните езерски хабитати. Спроведена е компаративна анализа помеѓу фосилниот и рецентниот диверзитет и хабитатната специфичност на видовите.
Цели на истражувањето
- Колкав е степенот на диверзитет на ендемични и реликтни бентосни дијатомеи во Охридско Езеро на почеток на лакустрична фаза пред 1 Ма? (П1)
- Каков е составот и кои се хабитатни преференци на ендемичните и реликтни бентосни дијатомеи во рецентната флора на Охридско Езеро? (П2)
- Колкава е стапка на екстинкција на дијатомеи во Охридско Езеро? (П3)
- Постојат ли фенотипски промени кај реликтно-ендемичните дијатомеи? (П4)
- Подигање на свеста за значењето на Охридското Езеро. (Х1)
Постигнати резултати
Според спроведените анализи беа утврдени вкупно 124 ендемични и 12 реликтни бентични претставници на дијатомеи кои опстојувале во Охридското Езеро во периодот пред 1 Ма односно во текот на неговата лакустрична фаза. Најголем диверзитет на видови беше утврден во рамки на родот Navicula Bory со утврдени 10 претставници, понатаму следуваат родовите Amphora Ehrenberg ex Kützing, Placoneis Mereschkowsky и Aneumastus Mann & Stickle со по 8 претставници и Cymbella Agardh со утврдени 5 претставници. Останатите родови изобилуваат со помал диверзитет, но сепак значајно придонесуваат во збогатување на уникатната дијатомејска флора од овој времески период. Од реликтни претставници беше утврдено присуство на видовите Amphora staubii Pantocsek и Amphora transsylvanica Pantocsek, Cymbopleura budayana (Pantocsek) Krammer, Diploneis ostracodarum (Pantocsek) Jurilj и Cocconeis diminuta Pantocsek кои се опишани од фосилни депозити во Копеч (Трансилванија, Романија) кои датираат од терциерниот период односно со старот од над 2.5 Ма. Исклучително важно е и присуството на реликтниот вид Tetracyclus emarginatus (Ehrenberg) W. Smith, род од кој во рецентната флора во светски рамки, а и во Охридското Езеро се утврдени во исклучително мал број. Во фосилните депозити на Охридско Езеро регистрирани беа вкупно 7 таксони од родовите, Placoneis Mereschkowsky Cymbopleura (Krammer) Krammer и Navicula Bory кои се карактеризираат со комбинација од уникатни морфолошки карактеристики и истите најверојатно претставуваат нови видови за науката. Најимпресивен период од фосилните депозити на Охридското Езеро претставува периодот со старост од 1.3 Ма во кој што е утврден исклучително висок степен на диверзитет и бројни ендемични, реликтни и претставници кои досега се непознати за науката.
ПРИЧИНИ ЗА ЗАСИЛЕНАТА ЕУТРОФИКАЦИЈА И ПОСЛЕДИЦИ ОД РАЗВОЈОТ НА ЦИЈАНОБАКТЕРИСКИТЕ ВОДНИ ЦВЕТОВИ ВО АКУМУЛАЦИЈАТА МАНТОВО: ПОСЕБЕН ФОКУС НА ДЕТЕКЦИЈА, ТИПИЗАЦИЈА И КВАНТИФИКАЦИЈА НА ПРИСУСТВОТО НА ЦИЈАНОТОКСИНИ
Ана Поп Антоска
Во последниве три години, еколошката состојба на акумулацијата Мантово претрпе нагло влошување, со силно заматување и позеленување на водата, и појава на пенливост со масовни цијанобактериски скрами. Детектираниот густ цијанобактериски „воден цвет“ од 18 потенцијално токсични видови јасно укажува на засилена еутрофикација, иако причините за евидентираната промена се непознати. Како последица, постои ризик за синтеза на цијанобактериски токсини, кои се опасни и за човекот. Сепак, досега не е јасно дали постоечките цијанобактериски соеви во акумулацијата воопшто содржат гени за синтеза на цијанотоксини, ниту пак кои токсини (и со колкава концентрација) се присутни во акумулацијата.
Општа методологија
Методологијата во оваа студија вклучува: in situ теренски анализи, спектро-фотометриja (chl a, азотни и фосфорни соединенија, и вкупен азот и фосфор), атомска апсорпциона спектроскопија (тешки метали), бактериолошки анализи (Е. сoli, колиформни бактерии), ELISA analizi (квантификација на токсини), и молекуларни analizi (детекција/типизација на гени за токсичност).
Цел на истражувањето и соодветни резултати
- Колкав е степенот на еутрофикацијата во акумулацијата Мантово? (П1).
- Кои се главни причинители за детектираната еутрофикација и наглото влошување на екосистемот се? (П2).
- Генскиот „pool“ на фитопланктонот содржи бројни гени за токсини лоцирани на различни генски кластери (П3)
- Присустна е висока концентрација на неколку различни цијанотоксини (микроцистини – MCs; анатоксин-а – ATX) во водата на акумулацијата Мантово (П4)
- Беше детектиран висок степен на еутрофикацијата во акумулацијата Мантово.
- Главни причинители за детектираната еутрофикација и наглото влошување на екосистемот беа: органска полуција (високи вредности на азот и фосфор), и фекална контаминација (присуство на колиформни бактерии и Escherichia coli). Контаминација со тешки метали не беше детектирана.
- Генскиот „pool“ на фитопланктонот содржи неколку гени за токсини лоцирани на различни генски кластери (mcyA, mcyB, и mcyE, одговорни за синтеза на различни микроцистини; anaC и anaF, одговорни за синтеза на различни анатоксини)
- Присустна е концентрација повисока од 1 µg/L микроцистини и ниска концентрација на анатоксин-а во водата на акумулацијата Мантово
ГЕНОМСКО РАЗНООБРАЗИЕ НА ВИДОТ EUPHORBIA NICAEENSIS ALL. ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА КАКО РЕЗУЛТАТ НА УСЛОВИТЕ НА ЖИВЕАЛИШТЕТО
Ангела Иванова
Euphorbia nicaeensis All. е морфолошки варијабилен вид, дистрибуиран од Мароко и Иберија на запад до Мала Азија и западна Русија на исток. Во Македонија видот е познат за Беласица, Скопска Црна Гора и Делчево. Во Флората на Р. Македонија Мицевски наведува два вариетети var. nicaeensis и var. trichocarpa. Денес според молекуларните истражувања се смета дека популациите на Балканскиот Полуостров припаѓаат кон видот Euphorbia glareosa Pall. ex M.Bieb.
Во овој проект беа истражени популациите на видот Е. nicaeensis во Македонија и Бугарија. Притоа беше извршена анализа на: морфометриски параметри направени на хербаризирани примероци, релативната големина на геномот измерена од суви листови со примена на проточна цитометрија, бројот на хромозоми добиени од врвни коренови меристемски клетки од семе и живи единки, како и на типот на живеалиштето за секоја популација.
Главната цел на ова истражување беше да се одреди типот на живеалиштето каде испитуваниот вид се јавува, да се анализира неговата морфологија, да се добијат вредности за RGS и да се одреди бројот на хромозоми за секоја различна големина на геном, а потоа да се согледа дали постои корелација помеѓу плоидноста и типот на живеалиштето и помеѓу плоидноста, бројот на хромозомите и морфологијата.
Добиените резултати не потврдија постоење на корелација помеѓу RGS и типот на живеалиштето. Поради недоволниот број на информации добиени со ова истражување корелацијата помеѓу бројот на хромозоми, RGS и морфологијата не беше потврдена со сигурност. Кариолошките анализи покажаа дека две популации со ист број на хромозоми имаат различна вредност на RGS. За дефинитивно потврдување на оваа хипотеза потребни се дополнителни истражувања.
Добиените резултати, како што се: нови вредности за RGS, одредени различните типови на живеалишта, регистрирани нови локалитети каде видот се јавува, можат да придонесат за решавање на таксономската проблематика и за разбирање на варијабилноста, екологијата и дистрибуцијата на видот.
ИЗОЛАЦИЈА НА БАКТЕРИИ ЗА БИОЛОШКА КОНТРОЛА НА БОЛЕСТА КРАСТАВОСТ (VENTURIA INAEQUALIS) КАКО АЛТЕРНАТИВНА ЗАМЕНА НА ТОКСИЧНИ ФУНГИЦИДИ ПРИ ПРОИЗВОДСТВО НА ЈАБОЛКА ВО ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОН
Џансел Буковец
Болеста краставост предизвикана од Venturia inaequalis е главен проблем во производството на јаболка. Контролата на болеста во органското земјоделство зависи од употребата на фунгициди кои содржат бакар или сулфур. Бидејќи употребата на бакар ќе биде ограничена во Европската Унија, а употребата на сулфурот често доведува до недоволна контрола и фитотоксичност, потребни се алтернативни мерки за контрола. Употребата на микробни антагонисти може да биде алтернативна замена на токсичните фунгициди при контрола на болеста (Carisse et al., 2000). Само неколку истражувања го опишуваат прелиминарниот протокол за употреба на антагонисти за време на епидемијата на краставост на лето (Fiss et al., 2000). Целите на проектот беа да се изолира чиста култура на V. inaequalis од заразени јаболка, да се изберат можни антагонисти кои ја потиснуваат спорулацијата на патогениот, да се развијат протоколи за производство на биопрепарат од избраните антагонисти како алтернативна замена на токсичните фунгициди и истите да се тестираат во полулабораториски услови. Со резултатите од in vivo и in situ тестови се докажува дека микробиолошките препарати се превентивни. Доколку јаболкниците се третираат во вистинско време, пред да започне инфекцијата, истите оневозможуваат раст и продукција на спорите, а со тоа и ширење на болеста. Крајниот резултат од истражувањето даде ветувачки резултати за можната примена на тест микроорганизми за справување со болеста краставост кој е главниот проблем во јаболкопроизводство на светско ниво.
Планираните активности се базираа на изолација на чиста култура на Venturia inaequalis и антимикробни соеви од почва со pour plate и streak метод. In vitro анализата беше определена со дифузионен метод, додека in vivo анализата со прскање на веќе заразени јаболка со селектираните антагонисти.
Од три различни локации од овоштарниците во Преспанскиот регион (с. Порој, с. Царев Двор, с. Грнчари) беа изолирани заболени органи со Venturia inaequalis од локалната варијанта на Malus domestica „црвен делишес“ (лисја, ластари, пупки и плодови) кои беа користени за понатамошните анализи.
ФИЗИОЛОШКИ ГРУПИ НА МИКРООРГАНИЗМИ КАКО ПОКАЗАТЕЛ НА ЕКОЛОШКИОТ СТАТУС ДОЛЖ ГРАДИЕНТОТ НА НАДМОРСКАТА ВИСИНА НА ПЛАНИНАТА БАБА
Елена Уста Петрова
Физиолошките групи на почвените микроорганизми играат важна улога во регулирањето на функциите и процесите на екосистемите кои се поврзани со циклусот на органската материја (van de Heijden et al., 2008). Планините се одлични системи за проучување на микробните заедници поради варијабилноста во абиотичките и биотичките фактори на релативно мало растојание долж градиентот на надморската висина (Sundqvist et al., 2013). Оваа варијабилност обезбедува единствена можност да се истражат ефектите од високите флуктуации на надземната вегетација, локалните почвени и климатски услови во однос на застапеноста на физиолошките групи на микроорганизмите (Margesin et al., 2009). Литературните податоци покажуваат дека поедини групи на микроорганизми се повеќе сензитивни во споредба со растенијата и животните на промените во животната средина. Затоа, промените во бројноста на микроорганизмите на различна надморска висина се сметаат за добар индикатор за еколошкиот статус (Bardgett et al., 2010). Имајќи ги предвид ограничените познавања за влијанието на климатските промени врз почвените микроорганизми на планините, целта на проектот беше идентификација на факторите кои влијаат врз присуството и бројноста на различни групи микроорганизми. Согласно добиените резултати, физичко-хемиските параметри на почвата покажаа значајно влијание врз микробните заедници, а исто така беше забележана промена во бројноста на микроорганизмите долж градиентот на надморската висина.
Теренската работа се одвиваше еднократно во периодот од месец јули до крај на месец август, 2023. Причините поради кои се определивме за едно теренско истражување се алпскиот карактер на планината Баба, како и фактот дека е трета највисока планина по ред во Р. С. Македонија, присуство на снег кој се задржува во текот на целата година, отежнато колекционирање на примероци, како и самата цел на истражувањето која се темели на разликите во застапеноста и бројноста на физиолошките групи на микроорганизми според разликите во надморската висина. При теренската посета беа забележани географските параметри како надморска висина и координати, а потоа и температурата на секој од локалитетите (вкупно 4), а беше и забележана разликата во присутната флора на локалитетите. Собирањето на материјалот на терен беше направено со помош на пробни површини (дрвени рамки) од 1m x 1m. Примероците беа земени 15-20 cm под површината. За секој тип на почва ќе биде определен %хумус (опишан во подактивност 2.3) за определување на типот на почва и ефектот врз локалната микрофлора. Потоа, почвата се собираше со помош на стерилна лопатка и беше транспортирана во стерилни кеси кои беа ставени во ладилник со мраз до лабораторијата на Катедрата за Микробиологија и Микробна биотехнологија, при Природно-математичкиот факултет. Непосредно, по собирањето на материјалот, односно во рок од 24 часа, беше пристапено кон лабораториските анализи.
Во однос на селектираните локалитетите беа планирани вкупно четири, со оглед на тоа дека надморската висина на Големо езеро е околу 2260m, првата локација за колекционирање беше најмногу до 1400m, односно негде близу хотел Молика, втората на надморска висина од 1450 – 1800m, третата од 1800 – 2000m и последната локација кај Големо езеро на надморска висина од 2260m.
ИНВАЗИВЕН РАСТ НА ДВА СОЈА ОД ЦИЈАНОБАКТЕРИСКИОТ РОД PSEUDANABAENA LAUTERBORN ВО МОНОСПИТОВСКОТО БЛАТО: ПОЛИФАЗНА ТАКСОНОМСКО-ФИЛОГЕНЕТСКА ЕВАЛУАЦИЈА И ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ЗА СИНТЕЗА НА ТОКСИНИ И МИРИЗЛИВИ СОЕДИНЕНИЈА ВО БЛАТОТО
Евгенија Стефаноска
Во 2021-вата, Моноспитовското Блато беше затекнато со висок степен на полуција, лош (фетиден) мирис и речиси комплетно уништена алгална флора, генерално претставена со два соја од цијанобактерискиот род Pseudanabaena (МОN-1, MON-2) кои масовно доминираа. Соевите беа затекнати во специфични еколошки преференци на екстремни халофилни услови на водата со кондуктивност над 1500 µS/cm и изразена бракичност, како и силна органска полуција. Оттука, беше наметнато прашањето дали тие дивергирале во нови видови, резистентно живеејќи во блатото под константниот силен полуциски притисок. Главните цели на овој проект беа: утврдување дали соевите Pseudanabaena sp. МОN-1 и MON-2 претставуваат нови видови за цијанобактериската флора (полифазна таксономско-филогенетска евалуација на 16S rRNA генот, и на 16S–23S интерниот транскрибиран спејсер (ITS), и проценката на ризик за потенцијални штетни ефекти од нивниот инванзивен раст, односно синтеза на токсини и миризливи метаболити.
Целокупните резултати од компаративните морфолошки анализи, спроведените анализи на сличности во 16S rRNA, филогенетските реконструкции базирани на 16S rRNA со сеопфатен пристап и конструкција на Bayesian inference/Maximum likelihood/Neigbour-Joining/Maximum Parsimony филогенетски стебла, процентот на различност во ITS регионот, и неговите секундарни структури обезбедиja доволно докази дека сојот МОN-2 е претставник на Pseudanabaena suomiensis. Дополнително, севкупните анализи од оваа студија покажаа дека сојот МОN-1 од Моноспитовското блато покажува уникатни морфолошки и молекуларни карактери и истиот претставува нов вид од родот Pseudanabaena, кој овде е опишан како Pseudanabaena macedonica sp. nov. Двата организма покажаа присуство на повеќе гени за синтеза на миризливи соединенија со фетиден мирис (2-метилизоборнеол), и за продукција на неколку цијанотоксини (анатоксини и микроцистини). Притоа, новиот вид – Pseudanabaena macedonica MON-1 покажа 3-4 пати повисок токсичен потенцијал од Pseudanabaena suomiensis MON-2, и се покажа како особено потентен продуцент на токсинот β-метил-аминоаланин (BMAA). Сумарно, резултатите укажуваат дека соевите MON-1 и MON-2 кои масивно се развиваат и инванзивно го препокриваат речиси целиот екосистем, можат да доведат до штетни ефекти во екосистемот, односно синтеза на токсини и метаболити со фетиден мирис. Специфицирањето на придонесот на овие соеви кон силниот, лош мирис на Моноспитовското Блато веруваме дека ќе даде силен придонес кон негова заштита и, ќе резултира со мерки за контрола на растот на опасната цијанобактерија Pseudanabaena macedonica МОN-1.
БИО-ОРГАНСКИ ЃУБРИВА ЗА ОДРЖЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО: ПРИМЕНА НА НЕСИМБИОТСКИ АЗОТОФИКСАТОРИ
Марија Брсакоска
Био-органското ѓубриво содржи живи микроорганизми кои покажуваат корисни својства за поттикнување на растот на растенијата. Различните микробни механизми се користат со цел подобрување на достапноста на хранливите материи, плодноста на почвата, зголемување на приносот на земјоделските култури, како што се фиксација на азот, растворливост на калиум и фосфор, екскреција на фитохормони (Mącik et al., 2020). Голем дел од побарувачката за азот во земјоделството се задоволува со користење на ѓубрива со азот, но трошоците за производство се зголемуваат, а истовремено истите не се еколошки прифатливи. Ова доведе до зголемен интерес за истражување на други извори на азот, како што е биолошката фиксација со азотофиксаторни бактерии. Несимбиотската фикасација на азот од микроорганизмите има потенцијал да задоволи дел од оваа потреба (Ropera & Guptab, 2016). Имплементацијата на азотофиксаторите ги надминува недостатоците поврзани со употребата на хемиските ѓубрива и пестициди, па оттука ваквите истражувања за употребата на био-органски ѓубрива е една од главните цели за развој на одржливо земјоделство. Од добиените резултати може да се заклучи дека селектираните изолати имаат способност да го зголемат количеството на азот во почвата. Бројноста на вкупните бактерии и азотофиксаторите се зголеми во рок од 4 недели инкубација. Сите бактериски изолати кои беа аплицирани во почвата го зголемија количеството на азот за 9.4 – 15.6 %.
Од примероците почва се изолираа несимбиотски азотофиксатори со pour plate/streak plate методи на селективен медиум. Се определија културелни и биохемиски карактеристики на изолатите. In vivo тестот се определи со инокулирање на чисти култури на примероци почва, а со Kjeldahl методот се определи количеството на азот.
ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО И НЕГОВИОТ ЖИТЕЛ ШТИПАЛКАТА COBITIS VARDARENSIS
Матеас Атанасовски
Во фокусот на истражувањето беше штипалката Cobitis vardarensis од Дојранскотo Езеро со цел да се добијат сознанија за биологијата на видот, неговата дистрибуција во езерото, големината на неговата популација, како и неговата репродукција. Бидејќи, во мноштвото студии посветени на биологијата на рибите од езерото, најмалку внимание е посветено на биологијата на штипалката Cobitis vardarensis како и отсуството на потполни податоци за состојбата на нејзината популација по интензивното истекување на водата од езерото во 1988 година, кога голем дел од литоралната вода била повлечена, место кое претставува природно живеалиште на штипалката беше императив да се зафатиме со овие истражувања. Последните ихтиолошки истражувања даваат одредена слика за составот на рибната заедница на неколку локалитети во литоралната зона на езерото, при тоа не е евидентирано присуството на штипалката.
За таа цел, во рамките на овој проект беа вршени сезонски ихтиолошки истражувања (пролет/есен) вдолж крајбрежната зона од македонската страна на езерото. При овие истражувања беше регистрирано присуство на штипалката на неколку од истражуваните локалитети. За време на сезонските истражувања беа изловени 108 полово зрели и јувенилни единки. Врз база на нивното присуство се изработи мапа на распространување на штипалката од Дојранско Езеро, а се дефинираа четири мониторинг места, преку кои во иднина може да се мониторира состојбата на популацијата на штипалката во езерото.
Врз основа на одреден број примероци од штипалката уловени за време на мрестителниот период пресметан е апсолутниот порциониот и релативниот фекундитет на полово зрели женски единки. Дополнително беше пресметан гонадосоматкиот и модифицираниот гонадосоматски индекс посебно за машки и женски единки. Исто така беше определен и репродуктивниот статус преку хистолошка анализа на микроскопски препарати од машки и женски гонади. Според морфолошките карактеристики кои ги поседуваат штипалките беше утврден и јасно изразен полов диморфизам.
ВИДОВО РАЗНООБРАЗИЕ (МИКОДИВЕРЗИТЕТ) НА КРАЕН ЈУГОЗАПАД НА ПЛАНИНАТА ЈАБЛАНИЦА ПОТЕГ РАДОЛИШТА –РАДОЖДА
Слободан Кутаноски
Габите се есенцијална компонента на секој екосистем без која тој не би функционирал, било како декомпозитори на мртва органска материја или мицелимски синцициум кои ја поткрепуваат и поврзуваат вегетацијата. Од тие причини значајно е познавањето на видовиот состав на габите, особено за подрачје како што е планината Јабланица, потенцијално идно заштитно подрачје, за кое недостасуваат доволно податоци за видовото разнообразие на габите. Од тие причини, одлучивме да го истражиме јужното подрачје на планината Јабланица. Тоа истражување го дополнивме и со податоци за значењето на габите за локалното население, како и обучување на средношколци за нивната биологија, значење, распознавање, како и правилно собирање.
Истражувањето го реализиравме преку теренски истражувања за колекционирање на примероци габи, нивна лабораториска обработка, анализирање и толкување на собраните податоци преку претходно даден табеларен приказ.
Целта на истражувањето беше да се обезбедат податоци за видовиот состав на габите од околината на јужна Јабланица со нивните карактеристики, како:
- Сезонските варијации;
- Значење за локалното население;
- Едукација на млади за биологијата и екологијата на габите, нивно препознавања, како и правилно собирање.
Како резултат на сработеното се обезбедија следниве податоци:
- Вкупно истражени 238 видови од 66 фамилии;
- 126 видови се нови за подрачјетo;
- 6 видови нови за Македонија;
- 7 видови се на црвената листа;
- 28 видови се јадливи, а 10 видови се лековити;
- Одржан образовен настан со средношколци во СОУ „Нико Нестор“ Струга со ентузијастични млади, а сега со нова љубопитност за габите.
Со добиените резултати од истражувањата обезбедивме нови податоци за видовиот состав на габите за планината Јабланица, збогатувајќи ги податоците за микодиверзитетот.
Овие податоци за микодиверзитетот на планината Јабланица можат во иднина да придонесат за ревалоризација на природното богатство на планината, и воочувајќи ја оваа неверојатна разновидност на толку мал простор, и дпомогнат во нејзиното прогласување во заштитно подрачје – национален парк.
БИОДИВЕРЗИТЕТ И РАСПРОСТРАНУВАЊЕ НА LEPIDOPTERA:RHOPALOCERA НА ПЛАНИНАТА КОЖУФ
Софи Младенова
Истражувањата беа реализирани по метода заловување, потоа идентификување со помош на теренски прирачник за идентификација на Lepidoptera. лавните цели на нашето истражување беа да се утврди дали видовиот состав се променил од 2004 од. досеа, дали постои сукцесивно проширување на отворените терени и како тоа влијае на видовиот состав, како и колкава е популацијата на Аполоновата пеперутка (Parnassius apollo) на одредени локалитети. Со овој проект ќе се овозможи збогатување на сознанијата и обновување на веќе постоечките податоци за видовиот состав на лепидофауната на планината Кожуф. Дополнително, податоците добиениод ова истражување ќе придонесат за понатамошна проценка на популациите на аполоновата пеперутка која претставува еден од 37те без’рбетници кои се селектирани за определување на Натура 2000 подрачја во Северна Македонија, како и севкупниот видов состав на лепидофауната.
Нашата идеја и желба за спроведување на ова истражување беше поттикната од недостаток на податоци за биодиврзитетот на дневните пеперутки во изминативе 20 год. на планината Кожуф. Исто така, дополнително беше инспирирано од претходните истражувања на лепидофауната на оваа планина, реализирани во 2004 год. од страна на ИДСБ.
Покрај горенаведеното, голема улога во одлуката за спроведување на ова истражување имаа и долгогодишните обиди за прогласување на планината Кожуф како заштитено подрачје.