Самарканд

Убави вести од Конференцијата на Бонската конвенција во Узбекистан: евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови. „Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД). Тој во Самарканд го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција. „Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација.“

Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Ова е особено важно, бидејќи, со овој чин, властите недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка. Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис. Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово. Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот – МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија – спроведоа кампања за овој важен исчекор во заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана.

Со вклучувањето на балканскиот рис на Бонската конвенција, владите од земјите се заложуваат да создадат најдобри можни услови за зачувување на балканскиот рис. Ова, меѓу другото, подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис. „Со оваа одлука властите во Северна Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис,“ вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација Еуронатур. „Будно ќе следиме дали се спроведува ветеното.“

Историјат

Конвенција за заштита на миграторни видови диви животни (Бонска конвенција): Како договор на Обединетите Нации, Конвенцијата обезбедува глобална платформа за заштита на преселните животни и нивните живеалишта. Таквите видови на кои им се заканува истребување се вклучени на Прилог 1 од Конвенцијата. Страните што претставуваат земји на опфат на споменатите миграторни видови ќе настојуваат да ги зачуваат овие животни, да ги зачувуваат и обновуваат нивните живеалишта, да ги отстрануваат пречките за нивната миграција и да ги контролираат факторите што го загрозуваат видот. Покрај обврските што ги презема секоја земја потписничка на Конвенцијата, овој договор промовира и заедничко дејствување помеѓу земјите на опфат на видот. Четиринаесеттата конференција на Страните се одвива од 12 до 17 февруари во Самарканд, Узбекистан.

Рисот и Бонската конвенција: Поднесокот за вклучување на рисот кон Бонската конвенција ги опфати евроазискиот рис – кон Прилог 2, и еден негов подвид, балканскиот рис – кон Прилог 1. Освен Македонија и Албанија, Босна и Херцеговина и Узбекистан беа копредлагачи за вклучување на балканскиот рис кон списокот на миграторни видови.

Балканскиот рис: Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) претставува подвид на евроазискиот рис (Lynx lynx). Нешто помалку од 50 возрасни единки талкаат низ планинските шуми на Јужен Балкан. Балканскиот рис се соочува со недостиг на поволни и поврзани живеалишта поради прекумерната експлоатација на шумите. Ова резултира и со намалена достапност на пленот. Дополнителна отежнителна околност е криволовот на веќе намалената дива популација на пленот. Згора на тоа, и самиот рис е жртва на криволов поради ловот на трофеи или погрешната перцепција дека убива стока. Сите партнерски организации од Програмата за закрепнување на балканскиот рис (Еуронатур од Германија, КОРА од Швајцарија, МЕД од Македонија, ППНЕА од Албанија и ЕРА од Косово) се залагаат да ги прошират и споделат сознанијата за рисот, да остварат ефективна заштита на оваа таинствена мачка и да ги зачуваат нејзините живеалишта.

 

 

Start typing and press Enter to search